Утрински Весник
Економија

НБ: Депозитите сигурни, во вакви околности најбезбедни се во банките

НБ: Економските фундаменти здрави, монетарната поставеност соодветна

 

Скопје, 26 март 2020 (МИА) – Депозитите на граѓаните во банките се сигурни и не постои простор за загриженост, а прогласувањето на вонредната состојба не подразбира промени во процесот на банкарското работење, порачуваат од Народната банка.

Оттаму велат дека заштедите во вакви околности се најбезбедни во банките и штедилниците и го имаат истиот статус како пред прогласувањето на вонредната состојба.

Појаснуваат дека и во вонредна состојба, за депозитите се пресметува и добива камата, во согласност со договорот што клиентот го има со банката или штедилница, како што важат и сите други договорни одредби.

-Не постои простор за загриженост – како што веќе укажавме, и во периодот на вонредната состојба, депозитите ќе им бидат достапни на граѓаните и фирмите, како и претходно, истакнуваат од Народната банка.

Потсетуват дека и сите други услуги што ги нудат банките и штедилниците, на граѓаните и фирмите им се достапни додека трае вонредната состојба. -Работата на финансиските институции за кои Народната банка е надлежен регулаторен и супервизорски орган го задржува својот континуитет и во овие привремено променети околности, оценуваат од централната банка и истакнуваат дека платниот промет се одвива непречено.

Укажуваат дека користењето на готовината во овој период е опасно по здравјето и апелираат плаќањата да се вршат со платежни картички или преку сервисите за електронско и мобилно банкарство. скс/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија

Вицегувернерката Митреска: Очекуваме понатамошно намалување на инфлацијата следната година