Утрински Весник
Економија

НБРМ: Регулаторите ја следат состојбата со финансискиот систем

НБРМ: Регулаторите ја следат состојбата со финансискиот систем

Финансискиот систем успешно им одговори на минатогодишните предизвици од корона-кризата, регулаторите постојано ги следат состојбите информираат од Народна Банка.

„Финансискиот систем успешно им одговори на минатогодишните предизвици од корона-кризата. Високите регулаторни барања во периодот пред појавата на корона-вирусот и минатогодишните регулаторни мерки придонесоа за натамошното одржување на неговата стабилност, како и за негова подготвеност за натамошни предизвици. Имајќи предвид дека здравствената криза сѐ уште трае, регулаторите и натаму со особена внимателност ќе ги следат состојбите, приспособувајќи ги своите мерки и пристап заради превентивно делување за натамошно јакнење на финансиската стабилност, а со тоа и на отпорноста на системот на шокови“, додаваат од оваа финансиска институција.

На денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, беа презентирани првичните видувања и податоци за остварувањата во минатата година и тековната состојба во одделните сегменти од финансискиот систем во земјата, во условите на корона-кризата. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност , Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Крсте Шајноски.

Осврнувајќи се на движењата во банкарскиот систем во 2020 година, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска уште еднаш посочи дека тој успешно им одговори на минатогодишните предизвици од здравствената криза.

„Банкарскиот систем, во услови на исклучително непредвидлив амбиент, успеа да го одржи кредитниот циклус остварувајќи кредитен раст од 4,7%, којшто беше финансиран од солидниот депозитен раст од близу 6%. Овие остварувања се поддржани од солидната капитална и ликвидносна позиција на системот.Истовремено, квалитетот на кредитното портфолио се подобри, при што учеството на нефункционалните во вкупните кредити на банкарскиот систем е намалено на историски најниското ниво од 3,4%. Сепак, со оглед на тоа дека сѐ уште постои неизвесност од здравствената криза и нејзиното влијание врз реалниот сектор, неопходно е претпазливо однесување и постојано следење на можните неповолни преносни ефекти од реалниот врз банкарскиот сектор преку каналот на кредитен ризик“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На седницата беше посочена и превентивната мерка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките и штедилниците. Притоа, уште еднаш беше нагласено дека со мерката се делува превентивно за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем и обезбедување солидна кредитна поддршка на граѓаните и компаниите.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, рече дека Министерството за финансии во соработка со Народната банка е на чекор до донесување на нов Закон за финансиска стабилност и нов Закон за платежни услуги и платни системи, со којшто ќе се следат најдобрите практики на Европската Унија и којшто e веќе поставен на ЕНЕР. Бесими посочи дека и покрај кризата предизвикана од пандемијата, во 2020 година финансиските друштва и давателите на финансиски лизинг ја зголемија вредноста на финансиските пласмани и добивката.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена