Со започнувањето на корона кризата значително е зголемено безготовинско плаќање и користењето на платежните картички како и услугите за електронско и мобилно банкарство, покажуваат податоците на Народната банка.
Според гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, значително расте користењето на електронското банкарство од страна на физичките лица, што во овој период е и во функција на заштита на здравјето.
„Бројот на плаќања иницирани преку електронското банкарство во март е зголемен за околу 30 отсто на годишна основа, што е многу повеќе во споредба со трендовите во претходниот период“, истакна таа во вчерашното издание на „Топ тема“ на Тв Телма.
НБРМ соопштува дека, според првичните податоци од платежната статистика, со започнувањето на корона кризата, кај граѓаните е зголемено користењето и на компјутерите и на мобилните телефони за извршување на плаќања. Во март годишниот раст на плаќања извршени преку компјутер изнесува околу 26,4 отсто, додека претходно, минатата година, во споредба со 2018 година, растот изнесувал 5,4 отсто.
Истовремено, бројот на плаќања преку мобилен телефон е зголемен за околу 45,5 отсто на годишна основа. Од друга страна, забележан е пад од околу 7 отсто кај плаќањата иницирани на хартија.