Скопје, 16 март 2020 (МИА) – Полициски службеници на Секторите за внатрешни работи во Охрид и Куманово во соработка со Државниот пазарен инспекторат денеска спроведоа акциски контроли за почитување на одлуката на Владата која се однесува на работењето на угостителските објекти, казината и обложувалниците.
Како што соопшти МВР, кај ниту еден од контролираните објекти не е констатирано отстапување при спроведување на одлуката на Владата.
Полициските службеници од СВР Куманово, на територија на Општина Куманово спровеле контроли во 40 угостителски објекти.
Полициски службеници од СВР Охрид на територија на Општина Струга спровеле контроли во вкупно 23 угостителски објекти, пет казина и четири спортски обложувалници и на територија на општина Кичево спроведоа контроли на 60 угостителски објекти, осум казина и 12 обложувалници.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат одлуките и препораките донесени од страна на Владата, а сите отстапки поврзани со оваа и останатите одлуки на Владата, а кои повлекуваат кривична одговорност да ги пријавуваат на телефонскиот број 192. мд/рп/