На претквалификационата фаза од тендерот за изградба на пругата Куманово-Крива Паланка биле доставени 20 апликации од меѓународни конзорциуми, изјави за МИА директорот на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ, Хари Локвенец. Осум од доставените апликации биле за изведба на делницата Куманово-Бељаковце, додека 12 за изградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка. Крајниот рок за доставување на апликациите од заинтересираните компании и конзорциуми беше 15 февруари.
Во втората фаза од тендерот објавен од Европската банка за обнова и развој, следува квалификационата фаза во која компаниите ќе ги достават тендерските понуди за изведба на пругата долга 64,8 километри. Најпрво, до крајот на месецов ќе треба да се комплетира листата на конзорциуми кои ги исполнуваат условите пропишани во тендерот, по што истите ќе бидат поканети да ги достават понудите за тоа колку ќе чини изградбата на двете железнички делници.
Локвенец во изјавата за МИА информира дека периодот на доставување на финалните понуди ќе трае три месеци, по што ќе следува изборот на најповолен понудувач и почетокот на градежните работи. Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ веќе информираа дека целокупната постапка за избор на изведувач на работите би требало да трае до 9 месеци, односно најдоцна наесен.
Според објавениот тендер на ЕБОР, целокупната вредност на проектот за изведба на оваа пруга на Коридорот 8 и консултантските услуги ќе чини 151.670.000 евра. Рокот за изведба на пругата Куманово-Крива Паланка е 36 месеци, односно пругата треба да биде завршена најдоцна до есента 2024 година.
Распишувањето на новиот тендер за избор на изведувач на пругата Бељаковце-Крива Паланка следи откако минатата година германската компанија „Вибе“ еднострано го раскина договорот за изведба на првата фаза на пругата Куманово-Бељаковце, по што Владата се одлучи да го поништи огласот и за пронаоѓање на изведувач за втората фаза Бељаковце-Крива Паланка.
За да се забрза имплементацијата на проектот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија, владата во октомври 2020 се одлучи двете дотогашни фази да ги спои во еден тендер.