Утрински Весник
Македонија

На поранешна „дива“ депонија во Куманово, изградено детско катче

На поранешна „дива“ депонија во Куманово, изградено детско катче

Куманово, 19 јуни 2020 (МИА) –  На „дивата“ депонија во кумановската населба Бавчи, изградено е детско катче. Најмладите од населбата од денеска ќе можат да го користат игралиштето со лулашки, клацкалки и други реквизити на површина од 100 метри квадратни.

Поставувањето на урбаната опрема се реализира во рамки на проектот „Чиста околина-здрава животна средина“, кој го спроведуваше Центарот за ромска заедница ДРОМ, во рамки на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан, ReLoad, финансиран од Европската Унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со кофинансирање на Општина Куманово.

Освен, изграденото детско катче во рамки на овој проект, здружението ДРОМ организираше и еколошки акции и еко патроли коишто имаа за цел да ја поттикнат свеста кај локалното население од населбите Средорек, Бавчи и Бараки за зачувување на животната средина.

– Во рамките на проектот беа реализирани 16 еколошки акции со поддршка на ЈП „Чистота и Зеленило“ и учество на локалното ромско население. Обезбедивме 160 канти за домаќинства во овие ромски населби, 60 во рамки на проектот и 100 како донација на „Пакомак“. Беа анкетирани голем број ромски семејства, со цел да дознаеме како да се реши проблемот со дивите депонии кои се во близина на нивните куќи. Еко патролата беше на терен шест месеци, преку која дојдовме до клучните одговори како настанува големата количина на отпадот која се претвора во депонија, изјави, проектен координатор од ДРОМ, Лилјана Симонова.

Во инвестицијата вклучени се и „Македонски железници“ и Општина Куманово со 20 проценти.

– Ова катче кое беше една од најголемите урбани диви депонии и да се преуреди во еден детско катче каде што ќе можат младите да го поминуваат своето време и да ги почитуваат и мерките, бидејќи се наоѓаме во специфичен момент. Ова е само еден доказ дека со многу мали средства, а со голем ентузијазам може да се направи многу. Вложени се околу 5.000 евра ова катче да го добие овој лик и дополнително многу труд, работа, ангажман, општествена одговорност која не се плаќа со пари, но самиот момент на учество на граѓаните да го исчистат тоа што со години беше тука складирано укажува на фактот дека ќе се води поголема грижа во делот на депонирање на отпадот, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Тој апелираше граѓаните, совесно да се однесуваат и да не фрлаат смет, ниту во речното корито, додавајќи дека наскоро ќе се распише постапка за чистење на речното корито.

Димитриевски се заблагодари на донаторите, здружението и „Македонски железници“ за овој проект и најави дека ќе продолжи да соработува со граѓанските организации за реализирање слични акции.

Претходно, на оваа локација, несовесни граѓани постојано фрлаа смет, градежен шут, по што локалната власт и комуналното претпријатие го чистеа по неколку пати во годината, но по само неколку дена се создаваше „дива“ депонија.ам/см/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме