Кокаин во вредност од 100 милиони евра е откриен во Малта, во контејнер со банани, кој требал да биде испорачан во Словенија.
Запленети се рекордни 740 килограми кокаин, кој според проценките, преку улична продажба би донел заработка од 100 милиони евра, а контејнерот во кој била пронајдена дрогата бил на пат од Еквадор до Словенија, пренесуваат словенечките медиуми, повикувајќи се на објава на царината во Малта.
Станува збор за рекордна заплена на кокаин во земјата, поголема од ланската заплена на 612 килограми дрога во брод што патуваше на линија Еквадор-Колумбија-Либија.
Малтешката царина соопшти дека откривањето на дрогата е резултат на операција која траела подолго време. Пребарани биле 1080 кутии банани, од кои 37 кутии содржеле вкупно 740 пакети со бела супстанца. Лабораториски било утврдено дека се работи за кокаин.