Утрински Весник
Свет

На денешен ден пред 41 година почина Тито

На денешен ден пред 41 година почина Тито

На денешен ден пред 41 година, доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито, почина во Љубљана.

Јосип Броз Тито почина на 4 мај 1980 година, во 15.05 часот, во Клиничкиот центар во Љубљана, три дена пред неговиот 88-ми роденден.

Тито беше примен во болница во јануари поради проблеми со циркулацијата, а пред смртта му беше ампутирана ногата, за што не сакаше да се согласи сѐ додека беше свесен. Тој беше во вештачка кома од средината на февруари.

Веста за смртта на Тито на Југословените им ја соопшти спикерот на белградската телевизија, Миодраг Здравковиќ.

„Другарот Тито почина. Ова вечерва Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија го соопштија на работничката класа, работните луѓе и граѓаните, народите и националностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“, гласеше веста.

Ковчегот со посмртните останки на Тито пристигна следниот ден со Синиот воз од Љубљана, преку Загреб, до Белград.

Три дена подоцна, 700.000 луѓе дојдоа на погребот. Присутни беа 209 државни делегации од 128 земји. Тоа беше најголемиот погреб на еден државник во 20 век.

На погребот беа присутни 31 претседател, 22 премиери, четворица кралеви, шест принцови и 11 претседатели на национални парламенти. Од светот поделен од Студената војна, државници од двата табора пристигнаа во Белград.

На погребот присуствуваа и Маргарет Тачер, потпретседателот на САД Волтер Мондајл, Индира Ганди, Хосни Мубарак, Садам Хусеин, Леонид Брежњев, Николај Чаушеску, шведскиот крал Карл XVI Густав …

Тито беше погребан во Куќата на цвеќето во Дедиње, каде покрај него од 2013 година почива неговата сопруга Јованка. Неговиот гроб, заедно со блискиот Музеј на Југославија, сè уште е дестинација за бројни туристи од целиот свет.

Можете да прочитате

Кобахидзе: Во Грузија нема да се повтори сценариото на украинскиот „Мајдан“

Во Грузија уапсени над 100 демонстранти

Бунтовниците контролираат половина од градот Алепо