Тетово, 5 мај 2020 (МИА) – Тетовските планинарски клубови ја оценуваат како позитивна одлуката на Владата да ги прифати предлозите на Министерството за животна средина и просторно планирање за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк. Сепак се потенцира дека е важно уште побрзо да се одвива и понатамошниот тек од процедурата која треба да се заврши во Собранието, со гласање за закон за прогласување на новиот национален парк.
-Ова значи нема веќе враќање назад, имаме студија која е одобрена и која поминала на Влада. Следниот чекор се јавни расправи на кои ќе се презентира студијата и плановите и ќе се слушне размислувањето за истите од сите засегнати страни. На крајот е собраниска седница на која треба да се прогласи Национален парк, изјави Јован Божиновски, претседател на планинарскиот клуб Љуботен од Тетово.
Од планинарскиот клуб Јелак од Тетово потенцираат дека освен што ќе се прогласи Шара за Национален парк очекувањата се и реализација на предвиденото околу заштитата.
-Позитивна вест, ама со нетрпение ја очекуваме одлуката за прогласување во Собранието. Се надеваме на брза реализација и транспарентност на постапката. За нас е најважно да се реализира прогласувањето на Шара за Национален парк. Одлуката е позитивна, но и нашите очекувања се поголеми. Одлуката доцни со години, исто така и прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје во категорија Национален парк. Се надеваме на квалитетна реализација, истакна Борис Стојановски-Цули, претседател на планинарскиот клуб Јелак од Тетово.
Планинарите од Тетово најчесто алармираа на интензивната сеча на дрвата и шумата на Шар Планина и дека е потребна итно прогласување за Национален парк и поголема заштита на природната разноликост и богатство на масивот.
Од 1994 има иницијативи за прогласување на Шар Планина за Национален парк со цел да се заштитат сите природни ресурси. Република Северна Македонија има 9 отсто заштитена зона низ државата, а со прогласување на Шар Планина за Национален парк бројката би се зголемила на 12 проценти. ас/сст/