Утрински Весник
Економија

Најдобрите времиња на Комбинатот „Тетекс“ во државна сопственост

Најдобрите времиња на Комбинатот „Тетекс“ во државна сопственост

Тетово, 15 февруари 2020 (МИА) – Прв индустриски симбол во градот, но и место за благосостојба на работниците додека Волнарскиот комбинат – Тетекс беше во државна сопственост и работничко самоуправање. Оваа карактеристика е најчестата за огромниот број луѓе од Тетово кои својот животен век го поминале во некоја од фабриките што го сочинуваат комбинатот што го носеше името на народниот херој Тодор Ципоски Мерџан.

На 25 мај 1951 пуштена во работа е штрајхгарн-предилницата за влачена преѓа како првиот прозводствен капацитет. На електро мотори и селфактори за кончење на волница работеле првите 37 работници, а почетокот бил проследен со голем народен собир. Првиот ден се произвеле 13 килограми влачена преѓа, а до крај на годината 250 тони. Наредната година се монтирани ткајачки развои и исткаени првите метри сурова ткаенина од сопствената предилница. Заедно со предилница и ткајачница настанала првата фабрика во 1952 година.

-Најмногу вработени Тетекс бележи во периодот од 186 до 1988 година во време кога југословенското раководство со Милка Планинц на чело на извршен совет предвиди сите невработени лица да добијат место во државните фабрики и претријатија. Тие две години Тетекс брои најмногу 8800 работници, вели Љупчо Радовски од синдикалната организација на Тетекс.

Грижата за работниците во поранешниот систем зазема централно место во историските монографии кои ги објавува Комбинатот.

-Во периодот од 1969-1986 година фабриката доделила 1255 кредити за стан, а станбеното прашање им го реши на на 436 работнички семејства на кои им додели станови изградени со сопствени средства и ткн.солидарни станови. Тоа значи дека најтешкиот животен проблем речиси една третина од вкупно вработените го имаат решено со помош на комбинатот, стои во монографијата од 1986 година.

За потребите на работниците во Тетекс пред самата фабрика во 1973 година  првпат во градот е изградена и детска градинка. Иако капацитетот првата година не бил целосно искористен се јавила потреба во наредните три години да се гради уште еден објект.

-Сите вработени добивале здравствена заштита во диспанзер за комплетна здравствена заштита на трудот вклучувајќи лабораторија, аптека и слично. Работниците имале можност годишниот одмор да го поминат и во одморалиштата на Комбинатот на Попова Шапка, во Башко Поле на Јадранско Море, Охридско Езеро и Дебарски бањи, се наведува во монографијата по повод 30 годишнината на Тетекс (1951-1981).

Наградите во разни облици за работниците исто така се сметала за квалитетна одлика во насока на успешното функционирање на Комбинатот во минатото. Многу на број се и наградите за самиот Комбинат, а како најзначајна се смета „Награда АВНОЈ“ од 1976 година за творештво и труд од општо значење за развојот на СФРЈ.

 

Комбинатото се состоел од четири фабрики-за производство на предено и волница, за производство на ткаенини, за конфекција и фабрика за производство на трикотажа. Дел од Тетекс биле
основните организации на здружен труд (ООЗТ) „Помошен погон“ (подоцна Енергоодржување),  „Општествена исхрана“, „Трговска мрежа“, „Угостителство и туризам“ и работна заедница „Заеднички служби“.

Меѓу позначајните датуму се бележат 27 август 1951 кога е формиран прв работнички совет што се смета за основа за работничкото самоуправување за наредните децении. Во 1954 се произведени првите ќебиња на Тетекс. Тетовка, Беба и Мира се имиња на првите волници. Поради земјотрес во 1960 година се урнал горниот дел од фабричкиот оџак, имало напукнати хали, штета процената на 87 милиони динари. Југословенскиот претседател Јосип Броз-Тито на 9 ноември 1972 го посетил Тетекс, а 1973 година е домаќин на југословенска текстилијада каде учествувале 1500 работници-спортисти. Во 1982 е изграден и пуштен во употреба првиотдисперзиран погон работна единица во Пирок со 270 вработени.

Последната нова фабрика која почнала да се гради е таа за ќебиња во 1986 година со што Тетекс достигнал најголема површина на вкупно 400 илјади квадратни метри. Трансформацијата од државната сопственост во акционерско друштво е започната во 1994 година.

 

На 10 февруари 2020 е прекинато 69 годишното производство, а се бележи дека само 140 работници работеа во фабриката за конфекција.

-Конфекцијата како последен производствен дел не може веќе рентабилно да работи. Во поранешна Југославија, па речиси и во сите европски земји, веќе не работи ниедна текстилна фабрика чие примарно производство било од волна и текстил, како што беше во Тетекс значи производство од предиво, ткаенини, па до готови конфекциски производи. Нас текстилците едноставно нѐ поклопи Далечниот Исток со многу ниски цени на текстилот и не можевме да го издржиме тоа, изјави генералниот директор на АД „Тетекс“ Глигорие Гоговски.

Синдикалната организација информираше дека за 140-те работници предвидени се седум лични доходи за оние работници кои имаат над 25 години работен стаж, а останатите соодветено на должината на стажот. Дел од луѓето ќе земаат надоместок за невработеност. Како компанија Тетекс ќе продолжи да работи, а според информациите на Љупчо Радовски од синдикалната организација има и направено програма за реорганизација.

Александар Самарџиев

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија