Утрински Весник
Македонија

Најголема битка е да ве задржиме дома, им порача Димитров на младите

Најголема битка е да ве задржиме дома, им порача Димитров на младите

Во организација на Американското катче Битола, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска имаше виртуелна средба во форма на градско собрание (Youth Town Hall) со младите од регионот на Битола и Струга, наменета за воспоставување транспарентен разговор на теми поврзани со Европската Унија и пристапувањето на Северна Македонија.

Вицепремиерот Димитров им порача на младите луѓе дека тие се иднината на државата, поради што треба да бидат активно вклучени во општествените процеси и креирањето политики во областите кои се од нивен и општ интерес.

„Нашето будење како општество започна токму со вашето барање за подобро образование и иднина во нашата земја. Нашата најголема битка е да ве задржиме вас – младите дома и затоа се определив да работам на тоа да ја направиме нашата земја европска, да овозможиме европски стил на живот дома наместо нашите млади луѓе да заминуваат во странство. Тој процес е како градење куќа – со членството во НАТО ги осигуривме темелите, со пристапувањето кон ЕУ сакаме да си го уредиме домот внатре, да ги пренесеме европските вредности и стандарди и да створиме општество еднакво за сите“, рече Димитров.

Тој зборуваше за процесот на пристапување кон Европската Унија, придобивките и предизвиците кои ги носи членството, а се осврна и на актуелните прашања поврзани со европската интеграција на Северна Македонија. На заинтересираните евро-оптимисти им ги претстави програмите за млади и нагласи дека со членството во ЕУ се зголемуваат можностите за работа и образование за младите надвор од сопствената држава, но подвлече дека со процесот на европеизација би се намалиле причините поради кои младите ја напуштаат државата.

„Мојата генерација има обврска да обезбеди подобар старт за идните генерации, што подразбира мир и стабилност на државата, вработување засновано на способности и квалитети, правда во судниците, компетентно образование, опремени болници, чист воздух и езера. Членството во ЕУ е двонасочна улица – ви овозможува многу повеќе можности за живот надвор, но нашата мисија низ тој процес е да имате повеќе причини да останете дома затоа што и тука ќе имате исти правила и квалитет на живот, истакна тој.

Младите луѓе на настанот покажаа голем интерес за европското досие на Северна Македонија и начинот на функционирање на Европската Унија, но и желба за придонес кон овие процеси, информираат од кабинетот на Димитров.

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа