Утрински Весник
Македонија

Најавени законски измени за поголема безбедност на новинарите

До граѓани стигале лажни покани од МВР за банкарска истрага

На 24 ноември се одржа вебинар на тема: „Изменување и дополнување на Кривичниот законик: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“ во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и заедничката акција на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“.

Главниот заклучок од настанот беше дека само преку конкретни измени на Кривичниот законик со давање на надлежност на обвинителството да постапуваат по службена должност и преку зголемување на казните кон напаѓачите, системски ќе се подобри безбедноста и политиката на неказнивост кон новинарите и медиумските работници. Додека се одвиваше настанот, се одзва Министерството за правда на социјалните медиуми со укажување дека Кривичниот законик, заедно со ЗНМ и новинарскиот синдикат, набрзо ќе биде ревидиран со цел зголемување на безбедноста на новинарите. Во објавата Министерството дополнително забележи дека новите закони не се толку потребни колку што е нужно поефикасно постапување од страна на надлежните институции за истрага и санкција на нападите кон новинарите.

На вебинарот учествуваа триесетина учесници и тоа група на новинари, претставници од Владата и Министерството за правда, Советот на Европа, од Основното јавно обвинителство и адвокати кои застапуваат новинари пред судовите. Свое видео обраќање имаше Бојан Маричиќ, министерот за правда а во воведниот дел имаше и говор Патрик Пенинкс, раководител на секторот за информатичко општество, Совет на Европа. Исто така учество на вебинарот имаше и Сашо Рајчев, шефот на основното Јавно обвинителство во Скопје со новинари кои ја следат проблематиката на безбедност како и странски експерт во делот на медиумското право.

Една од целите на овој настан беше да се дебатира за начините како да се изнајдат решенија за институционална заштита на новинарите и медиумските работници а со тоа и да се придонесе во процесот на консултации предводени од Министерството за правда за измена на Кривичниот законик.

Министерот Маричиќ во своето излагање потенцираше дека Министерството за правда веќе започнало постапка за изготвување на нов Кривичен законик со бараните измени во кој ќе бидат вметнати и кривични дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите но и општо на медиумските работници. „За изготвување на квалитетен текст во законот веќе одржавме состанок со претставниците од новинарската фела и новинарските здруженија, вклучително и Здружението на новинари на Македонија и Синдикатот. Нивните предлози секако се добредојдени, бидејќи само преку отворен дијалог токму со новинарите ќе можеме да донесеме нов закон кој дополнително ќе ги заштити слободно да си ја извршуваат одговорната работа, а сите оние кои ќе се обидат да ги заплашуваат или пак физички и вербално да ги напаѓаат новинарите односно медиумските работници, ригорозно да се казнуваат“, истакна министерот Маричиќ.

Патрик Пенинкс, од Советот на Европа упати честитки за овој мултилатерален процес помеѓу важно засегнати страни, власта, министерствата и новинарите. Тој истакна дека досега сме биле навикнати за вакви важни теми на унилатерални решенија кои се покажале дека биле нефункционални. „Ја поздравувам иницијативата за ваков тип на вебинар каде имаме можности заеднички да дискутираме за имплементацијата на Кривичниот законик во Северна Македонија и да ги идентификуваме оние специфични одредби во законот кои би ја уредиле и унапредиле гаранцијата и безбедноста на новинарите. Како што се зголемува бројот на закани годишно, притисокот врз новинар(к)ите се продлабочува. Овој облик на притисок се здоби и со специфични родови нијанси во нападите против новинарките, кои се покажаа претежно родово пристрасни, како онлајн така и офлајн. Поради тоа силно верувам дека во ваквата заедничка дискусија со вас, засегнатите страни и странските експерти ќе отвориме заеднички дијалог во интерес на унапредување на правната заштита на новинарите и новинарството во Северна Македонија“.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски во своето обраќање потенцираше дека новинарите и медиумските работници играат клучна улога како чувари на јавниот интерес, а новинарската професија е важен дел на секое демократско општество. „Актуелниот тренд на напади врз новинари воопшто не ми се допаѓа, ми се чини дека влегуваме во една фаза на демократска рецесија, уште повеќе што евро перспективите на глобален план, поради проблемот со Бугарија се затвораат. Не би сакале да видиме ретроградни процеси, а овој тренд упатува на тоа. Важно е да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура или цензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана” додаде Чадиковски.

Фиљана Кока, новинарка од МРТВ додаде дека „Потребни се нови и соодветни законски одредби и нова клима погодна за медиуми кои ги подржуваат демократските процеси. Властите беа и се повикани да се вложат во креирање безбедност за новинарите да можат слободно и независно да ја вршат својата работа без да биде извршен било каков притисок за тоа што известуваат, ЗНМ и новинарите нема да се откажат од тоа”.

Васко Маглешов, новинар од ПРИЗМА/Истражувачки онлајн медиум, во својот панел потенцираше дека е потребна едукација на идните судии и јавни обвинители да бидат сензибилизирани за значењето на новинарската работа со тоа што во рамки на обуките би се вовеле, односно прошириле предметни програми за слобода на говор и изразување и за важноста на новинарската професија во демократските процеси.

Шефот на основното јавно обвинителство, Сашо Рајчев, исто така еден од панелистите во своето обраќање на вебинарот ја истакна поддршката на овој процес од страна на обвинителството и даде краток осврт на одговорите на Кривичното право за заштита на новинарите во Северна Македонија. Рајчев потенцираше дека за суштински да се направат промените потребно ќе биде да се зголемат ресурсите на обвинителството.

Во својство на меѓународен експерт, Џонатан Прајс, адвокат во „Doughty Street Chambers“, Велика Британија во своето излагање сподели неколку компаративни случаи од адвокатската пракса во контекстот на безбедноста на новинарите. Тој потенцираше дека проблемот не е во самите закони, туку во нивната имплементација. На крајот препораката е дека потребна е едукација и ревидирање на целокупните елементи на правосудниот систем и секако заеднички здружено дејствување од страна на сите засегнати страни.

Вебинарот беше организиран од страна на Здружението на новинарите на Македонија во рамки на акцијата која е дел од „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II“, заедничка програма на ЕУ/Советот на Европа, имплементирана од Советот на Европа која има за цел да им асистира на корисниците во регионот на Западен Балкан и Турција во усогласувањето со стандардите на Советот на Европа и acquis на Европската Унија во рамки на процесот на нејзино проширување, онаму каде што тоа е применливо.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

ЦУК: На бројот 112 во изминатото деноноќие 1697 повици, се гаселе девет пожари на отворен простор

Јавното обвинителство презема дејствија за расчистување на настанот со сквернавењето на македонското знаме

Средба на министерот Муцунски со Комесарот за трговија на Обединето Кралство, Крис Бартон