Скопје, 28 април 2020 (МИА) – По повод Денот на кралот – Националниот ден на Кралството Холандија, холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп денеска симболично подари 1.100 лалиња и стотина книги од холандски автори преведени на македонски и албански јазик, за здравствените работници, како и за пациентите заболени од коронавирус. Подарокот симболично го примија министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик-министерот за здравство Арменд Арслани.
– Во нормални околности би го прославувале Денот на кралот со голема забава, но очигледно оваа година не можеме да го направиме тоа. Затоа одлучивме да направиме еден симболичен гест по тој повод и го купивме буквално секое лале што го најдовме во оваа држава. Успеавме да најдеме 1.100 лалиња и исто така успеавме да најдеме книги од холандски автори преведени на македонски и албански јазик околу стотина, кои сакаме да ги подариме на вработените во клиниките и во Институтот за јавно здравје, како и на пациентите заболени од коронавирус, рече Коп.
Овој гест, како што истакна амбасадорот, е во знак на нашата почит за напорната работа и несебичното залагање на здравствените работници во Северна Македонија.
Димитров, од своја страна, го честиташе Националниот ден на Кралството Холандија. – Чест ми е што денеска по овој повод заедно со нашите креативни холандски пријатели оддаваме почит и благодарност за пожртвуваниот и несебичен ангажман на здравствените работници, истакна Димитров.
Заменик министерот за здравство Арслани се заблагодари на Кралството Холандија за севкупната поддршка на здравствениот систем.
– Она што не обединува сите е истата мисла и истата цел – што поуспешно справување со коронавирусот, па оттука и денешните лалиња и книги се само една симболика и за благодарноста но и за бескрајната почит кон здравствените работници кои овој период го даваат својот максимум за лекување и третман на пациентите од Ковид-19, изјави Арслани, упатувајќи честитки до амбасадорот Коп по повод Националниот ден на Холандија.
Денот на Кралот во Холандија вообичаено се прославува со многу улични забави, детски игри и пазари на отворено додека Кралот и неговото семејство патуваат секоја година на различно место во Холандија за да го прослават денот со локалното население. Оваа година сите манифестации на Денот на Кралот беа откажани поради коронавирусот и Кралот и се обрати на нацијата по онлјан изведбата на химната „Вилхелмус“ во која сите членови на светски познатиот Royal Concertgebouworkest свиреа од своите домови. нд/ац/
Лалиња и книги за здравствените рабоитници и пациентите по повод Денот на Холандија
Posted by MИА.mk on Вторник, 28 април 2020