Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Бујар Османи присуствуваа на настан по повод прием на респираторни машини – донација на НАТО во борба против Ковид-19. Станува збор за 60 респиратори донација од НАТО Доверителниот фонд вредна 1,4 милиони евра, која денеска пристигна денеска на Меѓународниот аеродром Скопје. Оваа донација е за справување со последиците од Ковид 19.
Во изјава за медиумите, министерот Филипче истакна дека симболот на оваа здравствена криза е солидарноста. Тој рече дека сите земји помеѓу себе покажаа што значи да се помага, да се споделуваат искуства, знаење, но покажа и што е вистинската вредност на сојузите во коишто сме сега рамноправна членка.
„Дозволете да изразам голема благодарност до НАТО сојузот, посебно САД, кои од почетокот на кризата донираа и заштитна и медицинска опрема без којашто навистина тешко ќе можевме да го менаџираме овој голем здравствен предизвик, оваа голема здравствена криза. Конкретно, станува збор за донација на респираторни машини кои се користат за транспорт на пациентите во амбулантните возила за транспорт на псциентите од една болничка установа во друга – нешто што значајно ќе го зајакне нашиот здравствен систем во овој сегмент“, информираше Филипче.
На почетокот на епидемијата, јавното здравство имаше на располагање 120 респиратори. Од нив, 90 беа во градот Скопје, а останатите 30 во јавно-здравствените установи ширум државата.Како донација во изминатиот период пристигнаа респиратори од ЕУ (20), од четири македонски компании (85 неинвазивни респиратори), Норвешка (20) мобилни респиратори, приватна донација од Република Бугарија (3) УНИЦЕФ (10), Република Германија (8).
Респираторните машини како донација се распределени на Инфективната клиника во Скопје, ГОБ „8 Септември“, Клиниката за неврохирургија, како и инфективните одделенија во здравствените установи во Струмица, Штип, Битола, Тетово, Кочани, Кавадарци, Прилеп, Охрид, како Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид.Во моментов, на респиратор се приклучени само 2 пациенти кои се лекуваат во ГОБ „8 Септември“.