Драматичните слики што доаѓаа од Индија, во кои луѓето заразени со коронавирус умираат во редици пред болниците, сега се минато.
Благодарение на сериозната програма за вакцинација и дисциплината на граѓаните, епидемиолошката состојба во таа земја сега е под контрола.
Ова најдобро се илустрира со фактот дека дневно се забележува само двоцифрен број заразени лица во главниот град Њу Делхи, а пред неколку дена се прослави роденденот на премиерот Нарендра Моди и во текот на тој еден ден дури 2,5 милиони луѓе се вакцинирани во Индија.
Граѓаните на оваа земја од која потекнува делта-сојот кој сега доминира во Европа, имаат на располагање неколку вакцини од различни производители, кои се бесплатни.
Но, освен дадената можност, тие имаат, можеби, нешто уште поважно – свесноста дека вакцинацијата е единствениот начин да се стави крај на коронавирусот, така што огромното мнозинство граѓани веќе се вакцинирани, пренесуваат медиумите во светот.
Покрај тоа, тие се многу дисциплинирани и ги почитуваат прилично строгите мерки што се применуваат во земјата, меѓу кои е носењето маска и на отворено и во затворен простор и држење дистанца.
Оваа дисциплина се гледа на секој чекор – на пример во сообраќајот, кој е доста хаотичен и густ во Делхи, во автомобилите на луѓе кои носат маски додека возат, сами или во друштво, дури и во традиционално возило „тук -тук“ каде не можат да се видат ниту возачи ниту патници без маски.
Дел од жителите предупредуваат дека помладите треба да бидат внимателни, да држат дистанца, да носат маски, додека властите прават најдобро што можат за граѓаните.
„Не требаше да мислиме дека коронавирусот го нема. Треба да се држи дистанца, да се носат маски и сите да се вакцинираат. Тоа е се што можеме да направиме“, велат дел од жителите на Индија.