Струмица, 24 февруари 2020 (МИА) – На два дена пред почнувањето на осумдневните карневалски празнувања Струмица на големо живее со маските. Карневалската треска се чувствува насекаде. Струмичани остануваат верни на аманетот на претходниците подготвувајќи ги своите маски. Со месеци карневалските групи и поединците, скриени од очите на јавноста и „конкуренцијата“, ги подготвуваат карневалските креации. Иако најмладите струмичани своите карневалски креации вообичаено ги презентираат на Детскиот карневал, од лани групата при ОУ „Видое Подгорец“ од Струмица, предводена од учителката Соња Цицимова, со својот прв настап на Големиот карневал ги собра наградите и симпатиите на публиката.
Ученици петтоодделенци и нивните родители од одделението на Цицимова секојдневно се подготовуваат за нивната петта заедничка маска. Првата маска „Виножито“ ја подготвиле пред пет години, во прво одделение.
– Секоја година имаме своја тема во која се наоѓаме со децата. По маската „Виножито“, во второ одделение бевме „Папагали“, во трето „Пуканки“, во четврто одделение веќе преминавме во Големиот карневал со маската „Струмички шпагети“. Драго ми е што Организацискиот одбор имаше слух за нас и нè прифати поради возраста на децата. Маската ги освои максималните 70 поени и ја оправдавме довербата што ни беше укажана. Со „Шпагетите“ го претставувавме Струмичкиот карневал во Тиват и Врњачка Бања на тамошните карневали и чинам дека тоа беше најголема награда за нас, раскажува Цицимова.
За неа, иако не е родена струмичанка, негувањето на карневалската традиција, дружењето и возбудата од самата карневалска ноќ се пресудни веќе пет години како наследници на вековната традиција да ја чуваат и негуваат.
– За мене карневалот беше голем предизвик. Јас не сум струмичанка, од Свети Николе сум, и ми беше многу симпатична возбудата како луѓето со години ја негуваат традицијата. Едноставно ми беше предизвик. Сакам да се обидам и да видам колку ќе бидеме успешни. Тоа ми беше појдовната идеја. Годинава искрено се плашам од ланскиот успешен настап, бидејќи сме во друга категорија, конкуренцијата од маски е многу силна и затоа наградата не треба да ни биде приоритет, туку да се претставиме во најсветло издание и да си поминеме убаво, вели учителката Соња.
Со позитивните чувства ѝ се измешани и емоциите поради разделбата од нејзината карневалска група за четири месеци, која од септември ќе продолжи во шесто одделение. Но, тоа засега е во втор план. Секојдневните вежби се одвиваат во училишната сала со кореографски вежби на маската. Интересни се сеќавањата за изработката на маската „Пуканки“, во која се вклучиле и бабите на децата.
– Успеавме да ја преселиме атмосферата од училницата во семејствата, односно маската се пресели во домовите на учениците, додава Цицимова.
За годинашната маска, како и за претходните, вели дека има неколку општествено одговорни компании што им помагаат и што препознаваат квалитет и веруваат дека средствата ги вложуваат во нешто убаво, за радоста на многу деца и дека тоа е едно општо задоволство.
– Годинава ќе настапиме со маска на една многу актуелна тема. Се надевам дека од сè срце ќе ја пренесеме најавтентично маската и публиката и жирито тоа ќе го препознаат. Се надевам дека ќе испратиме силна и многу јасна порака, која е важна за сите нас, посочува Соња, но никако не сака да открие повеќе за маската и се држи до непишаното правило на Струмичкиот карневал таа да се крие до почетокот на големата карневалска забава.
Во подготвувањето на кореографијата на маската учествуваат и родители на децата. Тие не сакаа да зборуваат со образложение дека „тренерот“ го предводи тимот и тој е задолжен за комуникација со јавноста, а тие се послушни учесници во маската.
Учителката Соња Цицимова веќе крои планови за понатаму. На нашето прашање дали ќе продолжи со подготвувањето маски со досегашните ученици или ќе почне со новите првоодделенци, вели дека во изминативе пет години карневалот ги направил како едно семејство.
– За почеток, во план ми е новите првоодделенци да учествуваат барем на Детскиот карневал, а доколку има подлога за поддршка и од тие родители зошто да не целиме на повторување на досегашните успеси. Истовремено сакам да останам и со досегашните мои ученици, иако ќе бидат со други наставници. Јас стојам на располагање и се надевам дека ќе се најде начин како да ги реализирам моите желби, рече на крајот учителката Соња Цицимова.
Годинава Струмичкиот карневал се одржува од 26 февруари до 4 март, а главниот настан Интернационалната карневалска вечер ќе се одржи на 29 февруари, в сабота.
Ристо Тасев