Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Макроекономските показатели се движат во согласност со очекувањата, но ризиците стануваат се понагласени поради ситуацијата со коронавирусот која се одразува врз глобалната економија, оценуваат од Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.
– Неизвесноста околу идните мерки на развиените економии, како и големата променливост на меѓународните финансиски пазари којашто во изминатите неколку денови се манифестира со значително намалување на: цената на нафтата, берзанските индекси и вредноста на американскиот долар во однос на еврото и во следниот период активно ќе се следат од страна на Народната банка со цел адекватна оценка на нивните ефекти врз домашната економија и потребата за преземање на евентуални мерки, велат од Народна банка.
Според оценката на банката, тековната монетарна поставеност е соодветна поради што е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2 проценти, а понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи денеска да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.
Податоците за БДП за четвртиот квартал од 2029 година, според Народната банка, упатуваат на побрз економски раст од очекуваниот, но остварувањата за 2019 година се во линија со проектираната стапка во рамки на октомвриските проекции.
Во однос на инфлациските движења, во првите два месеци од годинава просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 0,7 проценти и е пониско остварување во однос на октомвриската проекција.
– При поизразени надолни корекции во поглед на очекуваното идно движење кај увозните цени, тековно, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година од 1,5 проценти се оценуваат како надолни. Неизвесноста околу очекуваното движење на светските цени на примарните производи во следниот период и натаму постои и е поизразена, истакнуваат од Народната банка.
Остварувањата кај девизните резерви во 2019 година и првите два месеци од годинава се нешто подобри од очекувањата, при што нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурна зона. Податоците за надворешно-трговската размена за јануари годинава укажуваат на остварен трговски дефицит кој е нешто понизок во однос на проектираниот за првиот квартал од годината. Нето приливите од приватните трансфери се во линија со очекуваните за првото тримесечје на годинава, а остварувањата во билансот на плаќања за 2019 година посочуваат на повисок дефицит во тековната сметка во однос на октомвриската проекција (2,8% од БДП, наспроти проектираниот од 1,3% од БДП), но и значително подобра позиција на финансиската сметка (нето-приливи од 5,4 % од БДП, во споредба со проектираните 3,6% од БДП).
Првичните податоци за февруари покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, при што остварувањата не упатуваат на поголеми отстапувања од проекцијата. Ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута е на релативно стабилно и високо ниво, што влијаело за мала потреба кај банките за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на необезбедени депозити. На домашниот девизен пазар во февруари, банките за потребите на нивните клиенти реализирале поумерена нето-продажба на девизи споредено со првиот месец од годината. Главната причина за ова, како што наведуваат од Народната банка, била сезонски пониската побарувачка за девизи од страна на корпоративниот сектор.
– Банките ја задоволија нето-побарувачката за девизи од страна на клиентите од девизните средства со коишто располагаат, а заради неутрализирање на краткорочните промени на девизната ликвидност во банкарскиот систем, Народната банка во два наврати продаде вкупно 5 милиони евра, посочуваат од Народната банка. бак/дма/