Утрински Весник
Економија

Народната Банка доби уште речиси една година пристап до девизна ликвидност од 400 милиони евра

Народната Банка доби уште речиси една година пристап до девизна ликвидност од 400 милиони евра

Дополнителната девизна ликвидност од 400 милиони евра ќе ѝ биде на располагање на Народната банка преку репо-линијата на Европската централна банка (ЕЦБ) уште речиси една година, информираат од Народната Банка. „ЕЦБ донесе одлука со која се продолжува можноста за Народната банка за користење на репо-линијата до 15 јануари 2023 година. Репо-линијата е само уште еден заштитен слој, имајќи го предвид високото ниво на девизни резерви и високата ликвидност на банките, коишто ја гарантираат стабилноста на денарот и макрофинансиската стабилност“, е истакнато во соопштението од НБРМ.

Репо-линијата, како што појаснуваат, обезбедува брз пристап на Народната банка до дополнителна ликвидност во евра, директно од ЕЦБ, во замена за соодветен колатерал деноминиран во евра, а за потребите на банкарскиот систем.

Народната банка доби можност да ja користи репо-линијата во 2020 година, на почетокот на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Тогаш ЕЦБ им дозволи пристап до ваков инструмент на централни банки надвор од еврозоната, со цел да се ублажат негативните ефекти од пандемијата предизвикана од корона-вирусот. Токму Народната банка беше лидер и иницијатор меѓу централните банки од регионот за обезбедување пристап до репо-линијата, за зајакнување на заштитните механизми, и покрај стабилното ниво на девизните резерви и солидната ликвидност на банките.

Минатата година беше продолжена можноста за користење на репо-линијата заклучно со март годинава, а сега таа можност е продолжена за уште речиси една година, имајќи го предвид продлабочувањето на геополитичките тензии поттикнати од руската инвазија на Украина. Досега, и покрај кризниот период изминатите две години, Народната банка немала потреба да ја користи репо-линијата.

Народната банка изрази благодарност до ЕЦБ за продолжување на важноста на репо-линијата, бидејќи на овој начин се добива и потврда за спроведуваните политики.

Можете да прочитате

Николоски очекува раст на БДП од 3,7 проценти

Мицкоски: Најавувам 8 нови инвестиции за нови вработувања и посилен стандард

Советот на Народната банка го усвои најновиот Квартален извештај − најважните сегменти од економијата се во согласност со очекувањата