Најголем дел од нив се во Грција – 1.613 и Србија – 1.476, а најмал број се до сега откриени во Црна Гора – 197 и Косово – 126. Северна Македонија со 430 регистрирани случаи е веднаш зад Бугарија – 498 а пред Албанија – 304.
Бројот на случаи, според епидемиолозите, е директно поврзан со реакцијата на заедницата на препораките за социјално дистанцирање и тоа колку граѓаните се дисциплинирани и ги почитуваат насоките.
Сепак, брзината на ширењето на заразата зависи и од тоа колку се ригорозни мерките кои ги носат властите и брзината со која што тие реагираат.
Со цел да им помогне на владите во светот во борбата со спречувањето на Ковид-19, Гугл започна со објавување на податоци од своите корисници на кои им е вклучена опцијата да им се чита локацијата и движењето. Иако сè уште нема објавено податоци за дел од државите во регионот, од оние што се достапни, во однос на почитувањето на препораките за социјално дистанцирање, во периодот од 16 февруари до 29 март, најдисциплинирани биле Словенците. Тие го намалиле движењето во рестораните и маркетите за дури 88 односно 92 проценти. Словенија до сега има регистрирано 934 лица заразени со корона вирус и 20 смртни случаи.
На второ место е Хрватска каде граѓаните ја намалиле посетата во кафулињата и рестораните за 82 отсто. Во Хрватска од вирусот починаа осум лица, а 1.079 се заразени.
Романија има слична ситуација во однос на мобилноста. Кај нив, за 81 процент е намалена посета во објектите за храна и рекреација. Романците за разлика од другите држави, најмалку посетувале јавни паркови и плоштади, односно посетата таму е намалена за 60 проценти. Во Романија евидентирани се 3.183 заразени, а од вирусот починале 133 лица.
Од балканските држави, во Бугарија најмалку се почитувала мерката за социјално дистанцирање. Кај нив намалено е движењето во рестораните за 66%, во маркетите 36%, а продолжиле и посетите во парковите, каде што е евидентиран пад од само 32 отсто. Бугарија во моментов има 498 заболени и 14 починати.
На Балканот, Грција има најголем број на заразени, дури 1.613 заразени и 63 смртни случаи. Тие се придржувале до препораките и намалиле со посета на ресторани до 80 проценти. Меѓутоа Грците продолжиле со пазарувањето во дуќани и поради тоа не е забележано драстично намалување во однос на посетата во маркетите, само 41 процент.
Во Северна Македонија, граѓаните делумно ја почитувале мерката и не ги посетувале локалите за храна и рекреација. Забележан е пад на посетеност од 74 отсто во овие места. Одлуката да се затворат сите ресторани, кафулиња, трговски центри и молови се донесе на 14 март, а четири дена подоцна беше прогласена и вонредна состојба. Сепак, граѓаните не намалиле со шетањето по паркови и плоштади. Движењето не е намалено драстично, само 44 проценти, а слична е ситуацијата и со пазарувањето во продавници и аптеки, каде има намалување од само 41 процент. Во Македонија бројката на заразени е 430, а до сега починаа 12 лица.
Податоците покажуваат дека иако во просек од околу 78% е намалено движењето во рестораните, кафулињата и културните објекти, сепак на Балканот не се намалило пазарувањето во маркети и аптеки, напротив, граѓаните продолжиле и со шетање и рекреација низ парковите. Посетеноста е падната за околу 46 отсто. Во моментов, Гугл нема податоци за четири држави од Балканот, односно Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.
Извор: meta.mk