Утрински Весник
Економија

Награда за медицинските лица и средства за вакцини обезбедени со прераспределба во буџетот

Награда за медицинските лица и средства за вакцини обезбедени со прераспределба во буџетот

Средства за еднократен надомест за сите медицински лица и помошен персонал во болниците кои ги третираат заболените од Ковид-19, како и средства за набавка на инсулин и набавка на вакцини против коронавирусот се обезбедуваат со дел од средствата од пренамената во буџетот за годинава во вкупен износ од 1,3 милијарди денари, која денеска беше одобрена од страна на Собранието.

Исто така, со пренамената се обезбедени средства за Гарантниот фонд, за исплата на државна помош по основ склучени договори, како и за купување на зградата од акционерското друштво за стопанисување со станбен простор-ПУИГ

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, рече дека со оваа одлука ќе се постигне повисок степен на реализација на буџетот, а ќе се даде и поддршка на најприоритетните области во време на ковид- здравството и приватниот сектор.

„Со пренамената во областа на здравството се обезбедија дополнителни 384 милиони денари, од кои 184 милиони за подмирување на обврски на јавните здравствени установи, 82 милиони денари за набавка на инсулин и вакцини против коронавирусот, како и 117 милиони денари за исплата на еднократен паричен надомест за медицински лица и помошен персонал ангажирани за третман на пациенти заболени од Ковид. За поддршка на развојот, преку гарантирање на кредити за обртни средства и на кредити за основни средства одобрени од страна на банки и штедилници – Гарантен фонд со прераспределбата обезбедени се 90 милиони денари“, информира Бесими.

Исто така, кажа тој, обезбедени се и 620 милиони денари за купување зграда од акционерското друштво за стопанисување со станбен простор-ПУИГ, а со цел да се избегнат трошоците за закупнини и да се реши проблемот со сместување на вработените од државните органи.

Обезбедени се и 90 милиони денари за постигнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, како и 135 милиони денари за исплата на државна помош по основ на склучени договори.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година