Утрински Весник
Економија

МФ со фискална стратегија за следните пет години: Економски раст од 5 проценти

Фискална стратегија 2020-2022: Министерството за финансии предвидува континуирано забрзување на економскиот раст

 

Министерството за финансии објави ревидирана фискална стратегија, според која, на среден рок се проектира просечната стапка на економски раст да достигне 5%, невработеноста да се намали на 12,4%, додека стапката на вработеност да се искачи на 52,1%. Исто така, нето-платата во следните пет години се очекува да расте до просечна стапка од 4%. Извозот, по надминување на ковид-кризата, од следната година се очекува да расте со двоцифрени стапки. Фискалнатас стратегија, како што наведува министерството, за првпат дава проекција за 5 наместо 3 години, во насока на подолгорочно планирање.

„ Во фискалната стратегија се наведува дека од следната година, економскиот раст во земјата се очекува да премине во позитивната зона, во услови на закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка, при што за 2021 е проектиран раст од 4,1% согласно основното сценарио, кое претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.

Во стратегијата се наведува дека редизајнирањето на буџетската политика и политиките насочени кон економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth) се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување на побрза динамика на економски раст потоа. Така, согласно основното среднорочно сценарио, просечниот годишен раст во периодот 2022-2025 година се проектира на 5,3%, односно економскиот раст во 2025 година се очекува да достигне 5,9%.

Согласно Фискалната стратегија се очекува извозната активност, со исцрпување на неповолните економски ефекти од пандемијата и повисока искористеност на производствените капацитети на домашните компании, како и поради ниската споредбена основа, да забележи раст од 14% во 2021 година. Кон ова се очекува да придонесе и проектираниот раст на надворешната побарувачка во услови на позитивни изгледи за економската активност во ЕУ и останатите трговски партнери на земјата. На среден рок, во услови на очекувано стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на СДИ, извозот се очекува да има солиден придонес врз економскиот раст, односно е предвидено да забележи просечен годишен раст од 9,1% на реална основа во периодот 2022-2025 година.

Реалниот раст на бруто-инвестициите, во стратегијата, е проектиран на 7,7% во 2021 година, а во периодот 2022-2025 година бруто-инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,5%, при што значајно влијание врз инвестициите е предвидено да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, зголемената поддршка за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, враќањето на довербата на деловните субјекти и поинтензивниот прилив на СДИ, поттикнат и од членството на земјата во НАТО.

Од следната година се очекува раст и кај приватната и кај јавната потрошувачка и тоа за приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,5% во 2021 година,а во периодот 2022-2025 година, проектиран е просечен годишен раст од 4%. Растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3% во 2021 година, а во периодот 2022-2025 година просечен раст од 1,5% – што се должи на напорите за намалување на несуштинските расходи и нивно рационализирање и спроведување на процес на фискална консолидација.

Според проекциите, во периодот 2021-2025 година се очекува просечен раст на бројот на вработени од 2,2%. Растот на побарувачката во овој период се очекува да се одрази и врз понудата на работна сила, која е проектирано годишно да се зголеми за 1,2% во просек. Ваквите движења на пазарот на трудот ќе придонесат просечната стапка на невработеност во 2025 година да се намали на 12,4%, додека просечната стапка на вработеност да се зголеми на 52,1%.

Во Стратегијата, како клучни елементи на среднорочната фискална политика се наведуваат редизајнирањето на буџетската политика и фискалната консолидација, кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија. Редизајнирањето на буџетската политика е во тесна врска со стратегијата за економско заздравување и забрзан раст, која е составена од четири столба: економско заздравување од Ковид-19, забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности.

Предвидено е и етапно менување на структурата на буџетските расходи во насока на зголемување на уделот на капиталните инвестиции.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk