Министерството за труд и социјална политика во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, подготви кампања за превенција и заштита од семејно насилство во вонредна состојба Ковид-19 преку која жртвите на семејно насилство и јавностa се информираат за препознавање на формите на семејно насилство, каде да се обратат и да пријават за помош и кои се постоечките сервиси за заштита на жртвите на семејно насилство.
„Тргнувајќи од уставните определби за заштита на основните човекови права и слободи и почитувајќи ги општоприфатените норми на меѓународното право за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство, Владата и во вонредна состојба обезбедува целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид- 19 и ги потврдува заложбите за преземање на сите неопходни мерки за заштита на жртвите на семејно насилство,“ се вели во соопштението.
За потсетување, семејното насилство е кривично дело, и секој има право да го живее сопствениот живот безбедно и во согласност со своите потреби.
„Затоа Министерството за труд и социјална политика ги охрабрува жртвите на семејно насилство, но и сите граѓани кои се сведоци или имат сознанија за насилство, да го пријават на СОС линиите, во најблиската полициска станица, центарот за социјална работа или здравствена установа, за да можат стручните лица да постапат и да ги заштитат од сторителот на семејното насилство,“ се додава во соопштението.
Светската здравствена организација информираше дека во Европа за 60 проценти е зголемено семејното насилство за време на кризата со корона вирусот.