На Инстаграм профилот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, денес беше потврдено дека тој е во затвор во градот Покров во Владимирската област.
Овој затвор се наоѓа на 190 километри североисточно од Москва, и е познат по неговиот строг режим.
Точната локација на Навални не беше позната откако неговиот правен тим минатата недела објави дека бил преместен од затворот во Колчугино и оти не им било кажано каде е однесен, пренесе Ројтерс.
Адвокатката на Навални, Олга Михаилова, за „ТАСС“ изјави дека Навални се наоѓа во поправниот дом ИК-2 во Покров, каде што бил пренесен на издржување на казната
Под фотографијата објавена на Инстаграм, Навални напиша: „Поздрав до сите од секторот за засилена контрола А. Морам да признаам дека рускиот затворски систем ме изненади. Немав идеја дека е можно да се уреди вистински концентрационен логор на 100 километри од Москва“, напиша Навални.
View this post on Instagram
Тој додаде дека досега не бил сведок на насилство, ниту има навестувања за такво нешто, но поради напнатото држење на телото на осудените лица кои се плашат да ја свртат главата, верува во бројните приказни што кружеле, како што е онаа за тепање до смрт со дрвени чекани. Сега методите се променија, вели Навални, и додава дека не памети друго место каде сите зборуваат толку учтиво и, во одредена смисла, љубезно“.
„Тоа е она што јас го нарекувам мојот нов дом – наш пријателски концентрационен логор“, пишува Навални.
Тој раскажува дека видео камерите се насекаде, сите се следат и при најмало нарушување на редот се составува извештај.
„Мислам дека некој горе ја прочитал „1984“ на Орвел, и си рекол: ‘Да, кул. Да го направиме ова. Воспитување преку дехуманизација. Но, ако се однесувате кон сè со хумор, тогаш можете да живеете. Значи, генерално, добро ми оди“, пишува Навални.