Утрински Весник
Македонија

МОФ: Инспекторатот да го испита случајот со плагијатите на професорите на Универзитетот во Тетово

МОФ: Инспекторатот да го испита случајот со плагијатите на професорите на Универзитетот во Тетово

Државниот просветен инспекторат да утврди одговорност за корупцијата на Државниот универзитет во Тетово, бара Младинскиот образовен форум.

„Според публикацијата „Веритас“, може да се увиди дека професори на овој државен универзитет направиле плагијат, односно искористиле туѓо дело прикажувајќи го како свое. Со ова, членовите на академската заедница не само што постапиле нечесно, туку и постапиле спротивно на духот на начелата на Законот за високото образование. Истражувачкиот труд на Интелектуалната иницијатива за зголемување на квалитетот во универзитетското образование посочува дека Медицинскиот факултет при ДУТ е еден од упориштата за непотизам, плагијат, купопродажба на оценки, антиакадемска заедница и „интелектуална“ мафија“, велат од МОФ.

Од таму апелираат до надлежните институции, пред сѐ Државниот просветен инспекторат, да постапи по ова прашање во рамки на неговите надлежности и овластувања и финално да се увиди и утврди одговорноста за нечесното академско работење на дел од членовите на академската заедница при Државниот универзитет во Тетово.

„Бараме доследна примена на Законот за високото образование, особено во делот на креирање на Агенцијата за квалитет во високото образование. Имено, според последните информации со кои располага МОФ, во рамки на оваа Агенција единствено е функционален еден орган, односно директорот на Агенцијата. Јавноста и академската заедница сѐ уште не се запознаени дали се формирани Одборот за евалуација и Одборот за акредитација како органи во рамки на Агенцијата кои имаат исто така надлежности и овластувања да постапат во овој случај“, велат од МОФ.

Се надеваме дека овој случај, додаваат од таму, нема да застане само на јавно споделување и известување, туку дека ќе се работи во насока на спречување на корупцијата од секаков вид во рамки на високото образование, но и на охрабрување на студентите и младите воопшто – да реагираат за овие и ним слични коруптивни појави и практики.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!