Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, нареди баровите и рестораните да служат само вакцинирани гости и оние кои ја прележале инфекцијата и развиле имунитет.
Ова е една од подрастичните, но неопходни мерки разгледани од Кремљ, од каде доаѓаат предупредувања дека зголемувањето на бројот на заразени е предизвикано од делта варијантата на вирусот, која за прв пат беше откриена во Индија, но и од бавната имплементација на програмата за имунизација во Русија, иако дури четири вакцини од домашно производство се овластени за употреба.
Собјанин денес потврди дека новите ограничувања ќе стапат на сила на 28 јуни, наведувајќи дека таквите мерки се неопходни со цел да се избегне нова и построга блокада, пренесува „Ројтерс“.
Секој што сака да посети кафуле, ресторан или бар ќе мора да го покаже својот QR код како потврда за вакцинација, или доказ за прележан Ковид-19 или пак негативен тест не постар од 3 дена.
Кремљ денес објави дека граѓаните на Русија кои не биле вакцинирани или не прележале Ковид-19, неизбежно ќе се соочат со дискриминација на работното место.
„Луѓето кои не биле вакцинирани или не прележале Ковид-19 нема да можат да работат каде сакаат. Ова нема да биде можно бидејќи тие се закана за секој што работи со нив“, предупреди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додека градоначалникот Собјанин посочи дека слични правила веќе со месеци се на сила во многу градови во Европа и Азија.