Скопје, 17 март 2020 (МИА) – По дадените препораки од Владата и Министерството за здравство за превенција и заштита на здравјето од коронавирусот, скопските општини во соработка со Град Скопје и Црвениот крст на Град Скопје и со поддршка од Пивара Скопје оформија мобилни тимови. Додека траат препораките, тимовите ќе бидат во служба на сите ранливи категории граѓани.
Како што информира Општина Кисела Вода, од утре од 8:30 до 12:30 часот, секојдневно, на цела територија на Град Скопје лицата со попреченост/инвалидност, лицата во самоизолација, повозрасните лица и сите останати жители со одредени хронични болести ќе бидат контактитрани од овие тимови. Тимовите имаат задача да помгаат за набавка и достава на прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена.
Сервисните услуги ќе се даваат бесплатно, додека за производите и лековите кои им се потребни, граѓаните ќе треба на тимовите кои ќе вршат достава да им дадат финансиски средства.
– За функционирањето на мобилните тимови, поддршка даде градоначалникот Филип Темелковски, а средства за трошоците на тимовите заедно со другите Општини и Градот Скопје обезбеди Општина Кисела Вода, се наведува во соопштението од Општина Кисела Вода.
За повикување на мобилните тимови на цела територија на Град Скопје граѓаните, според местото на живеење, ќе можат да се јават на следните телефонски броеви:
Црвен крст Кисела Вода: 070/379-456 02/3211-417
Црвен крст Центар: 070/297-166 02/3115-029
Црвен крст Чаир: 070/208-383 02/2621-924
Црвен крст Карпош: 070/226-136 02/3068-806
Црвен крст Гази Баба: 071/243-078 02/2529-153
Тим за бездомни лица: 02/3096-227
Дополнително, од утре почнуваат да функционираат и две СОС-телефонски линии на Црвениот крст на Град Скопје, преку кои секој работен ден од 9:00 до 13:00 часот, граѓаните ќе можат да добијат психосоцијална поддршка за полесно справување со стресот предизвикан од актуелната состојба.
Старите и изнемоштените лица на кои им е потребна психосоцијална поддршка можат да се јават на телефонскиот број: 075/352-246, а останатите граѓани на телефонскиот број: 071/379-119.
Од Општина Кисела Вода потсетуваат дека изминатиов период со цел да се намали ризикот од инфицирање со вирусот Ковид-19 (коронавирус) презеле бројни мерки за заштита на жителите и своите вработени.
Општина Кисела Вода апелира до граѓаните за почитување на препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од коронавирусот. Општина Кисела Вода им препорачува на управителите на станбените згради да почнат со дезинфекција на заедничките простории и лифтови во зградите. мд/дма/