Британецот Џек Фентон (21) загинал откако бил погоден од задниот ротор на хеликоптер во Грција. Младиот човек бил мртов на лице место.
Трагедијата се случила кога Британецот излегол од хеликоптерот најмен од неговото семејство во Атина. Грчките власти објавија дека пилотот на хеликоптерот и двајцата инженери на копно се приведени по инцидентот и дека може да одговараат за убиство од небрежност.
„Нашата истрага е фокусирана на можно невнимание. Главните прашања произлегоа од изјавите на сведоците за тоа зошто сечилата не биле во мирување кога на патниците им било дозволено да се симнат во понеделникот“, рекол полициски извор, пренесе Гардијан.
Британецот отишол на одмор со родителите во Миконос, Грција. Грчките медиуми објавија дека младиот човек бил погоден од задниот ротор на хеликоптерот додека се обидувал да направи селфи секунди откако хеликоптерот Бел 407 слетал на хелиодром.
Исто така, се наведува дека Британецот се движел зад хеликоптерот чиј мотор се уште работел и дека сечилото на роторот го удрило и го усмртило. Неговите родители наводно биле во друг хеликоптер кој бил пренасочен на друг хелиодром по инцидентот.
Инспекторите ќе испитаат дали биле следени потребните процедури пред да им се дозволи на патниците да излезат, иако полициски извори за Би-Би-Си изјавиле дека главниот пилот бил искусен.