Скопје, 7 мај 2020 (МИА) – Два тима млади иноватори кои креираа дигитални решенија за поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот, избрани се да ја претставуваат земјата во глобалниот младински предизвик „Генерација без граници 2019/2020“ („Generation Unlimited“).
Целта на младинскиот предизвик „Генерација без граници 2019/20“ е да ги инспирира младите кои имаат брилијантни идеи, но немаат средства да ги остварат и се одржува во 41 земја во светот, вклучувајќи ја и нашата, како дел од партнерството на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија.
Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на завршниот настан на годинашниот „Generation Unlimited – Младински предизвик“ истакна дека се работи за извонредна иницијатива.
-„Generation Unlimited“ е извонредна иницијатива која создава простор за младите луѓе да нè инспирираат, поттикнува модернизирање и инвестиции во образованието, подобрување на шансите за вработување преку стекнување вештини, како и градење свест за граѓански активизам, а со тоа им помага на заедниците да создадат сопствени проекти и креативни функционални решенија, рече претседателот Пендаровски.
Двата најдобри тима – „Bionic“ со своето решение за изработка на финансиски достапна роботска рака и „Mind Benders“ со своето дигитално ресторанско мени, со кое услугите стануваат инклузивни и пристапни за сите, ќе добијат награда од 2.000 американски долари од Фондацијата Телеком за Македонија. Ќе учествуваат во глобалниот предизвик, со шанса да добијат дополнителни средства до 20.000 американски долари, како и поддршка од глобалната програма за инкубација од партнерите на „Генерација без граници“ за проширување на решението.
Главниот извршен директор на Македонски Телеком Никола Љушев смета дека целта на овој предизвик е да ги поттикне младите да ја користат технологијата како алатка што треба да им служи на луѓето.
– Во дигиталното општество што го градиме најголемиот предизвик е како да го намалиме дигиталниот јаз, како да ги вклучиме сите, без исклучок. Технологијата е навистина моќна алатка и особено сега кога социјалната изолација рапидно ја забрза дигитализацијата, најважно е да научиме да ја користиме за добро, рече Љушев.
Тимот „Нешто нетипично“ со својата мобилна апликација „Walkiie“ која ги поврзува волонтерите со деца и млади со интелектуална попреченост за организирање социјални активности, добија почесно трето место и ќе добијат 1.000 американски долари од Фондација Телеком за Македонија и дополнителна локална менторска поддршка за да продолжат со градење на својата иницијатива.
– Сега, повеќе од кога и да е, разбираме колку е важно да создадеме еднакви можности за секое дете, вклучувајќи ги и децата со попреченост, да има фер шанса да го исполни својот потенцијал. Со сегашната потреба од физичко дистанцирање, уште подобро ја разбираме важноста на користењето дигитална технологија за овие можности да ги претвориме во реалност. Освен тоа, откако ги видовме неверојатните резултати од работата на младите ангажирани во овој предизвик, нема сомнение дека кога им се дава простор, младите имаат порив, креативност и способност да го преземат водството во изнаоѓање решенија кои ќе донесат позитивни промени во нивниот живот, но и во нивните заедници, рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани. мд/сп/