Утрински Весник
Македонија

Младите евроамбасадори со порака: Секој млад човек може да го постигне она што навистина го сака

Младите евроамбасадори со порака: Секој млад човек може да го постигне она што навистина го сака

„Порталб.мк“ ги интервјуираше новите млади европски амбасадори на Република Северна Македонија кои ги започнаа своите должности на 1 септември оваа година. Тие во интервјуто потенцираа дека ќе бидат гласот на младите, обидувајќи да дадат сè од себе за да ги постигнат своите цели и целите на сите млади луѓе во земјава. Денеска ќе ги објавиме интервјуата спроведени со Дона Срдиќ Лазаревска, Дејан Мисковски, Ана Ќупева, Изабела Јакимова и Александар Каратошо.

Што значи за вас вашата позиција млад европски амбасадор?

Дона Срдиќ Лазаревска

Дона Срдиќ Лазаревска: Јас се заинтересирав за политика од многу млада возраст, сакав да имам можност да влијаам на работите околу мене за кои сметав дека треба да се променат и тоа што добив можност да станам Млад Европски Амбасадор за мене е чекор поблиску до остварување на моите цели. Оваа функција ми овозможува мојот глас да биде слушнат, моите идеи реализирани, ја добивам потребната поддршка, помош и едукација за да го остварам тоа што сум го замислила. За мене позицијата Млад Европски Амбасадор значи да можам да разменувам идеи и да инспирирам промена во општеството од кое доаѓам, да ги промовирам Европските вредности и да бидам личност која се труди да создаде подобра иднина.

Дејан Мисковски: За мене тоа претставува предизвик и можност преку свој личен придонес да дадам пример на младите луѓе во мојата земја како и одблизу да ги слушнам нивните проблеми и очекувања. Сметам дека со свое лично залагање и максимална посветеност, можам да влијаам врз решавање на истите, како и да влијаам во создавање на подобра клима за остварување на младите луѓе, најпрво во сопствената држава, а подоцна и во потесната средина од која доаѓаат.

Ана Ќупева: Позицијата на млад европски амбасадор за мене претставува можност да се поврзам со други ентузијастични млади, желни да ги променат нееднаквостите во нашето општество. Освен тоа, претставува предизвик за самата себе и за мојот понатамошен личен развој.

Изабела Јакимова: За мене позицијата значи можност да дејствувам и да мотивирам млади луѓе да ги искористуваат своите потенцијали и таленти.

Александар Каратошо: Најпрво, сметам дека е огромна чест и привилегија да се биде еден од првите млади европски амбасадори од Балканот, избран со заемна поддршка од младите и жирито. Во својот мандат ќе се обидам да ги запознаам младите со Европската унија, нејзините процеси и институции, како и тоа да станам нивниот глас во ЕУ. Мојата цел е младите луѓе да научат повеќе за европската култура и да се мотивираат да земат активна улога во нашето пристапување кон Унијата.

Што успеавте да направите од кога сте на оваа позиција и што треба да очекуваме во иднина?

Дона Срдиќ Лазаревска: Нашиот мандат само што започна на 1-ви септември оваа година и за жал сè уште е многу рано за да можам да зборувам за нешто позначајно што успеав да направам откако сум назначена за Млад Амбасадор, но во иднина имам две области на интерес кон кои ќе се насочам во текот на овие три години. Првата област е заштита на правата на жените, поголема економска рамноправност, поголема инволвираност на жените во политиката, а втората област е за заштита на околината. Сите сме свесни дека нивото на заштита на околината во нашата држава е ниско, се соочуваме со загадена вода, сечење на шумите и го дишеме најзагадениот воздух во Европа. Сметам дека ова е едно од најранливите прашања во нашата држава и дека мора да преземеме акција за решавање на овој проблем.

Дејан Мисковски

Дејан Мисковски: Бидејќи сè уште активностите не се формално започнати, сè уште е многу рано е да се зборува на оваа тема, меѓутоа неформално уште и пред почетокот на овој проект, се трудев преку позитивни примери да допрам до своите врсници. Во иднина сето тоа ќе го правам уште повеќе, затоа што сега сме и формално еден тим на млади луѓе со кои убеден сум дека одлично ќе соработуваме и ќе бидеме гласот на младите.

Ана Ќупева: Сега допрва започнуваме, но во наредните 3 години бидете спремни на промени, кои верувам дека сите млади би сакале да ги видат.

Изабела Јакимова: Јас заедно со моја соработничка (која не е дел од амбасадорите), веќе сме во процес на публикација на нашата иницијатива т.е премиерно ќе објавиме видео со наслов Родови стереотипи како дел од борбата против истите. Во видеото има учество и амбасадорката Ана Ќупева.

Александар Каратошо

Александар Каратошо: Со оглед на тоа дека штотуку започна програмата во текот на месец септември, сè уште не сме работеле на конкретни активности, но по најавата од раководителите на програмата и Делегацијата на ЕУ во Скопје се очекуваат големи проекти во кои ќе се промовираат европските вредности кај нашите врсници од регионот. Поради пандемијата и рестрикциите за патување сите активности ќе се одржуваат онлајн, но потоа се планирани многубројни средби со амбасадорите од останатите држави и посети на клучните европски институции.

Дали планирате да соработувате со млади амбасадори oд други земји?

Дона Срдиќ Лазаревска: Да, искрено се надевам на тоа. Ние сите сме млади личности со најразлични идеи околу тоа како можеме да помогнеме во нашите општества. Голем дел од тие млади личности ги делат моите идеи и размислувања така што засилена соработка помеѓу сите нас може да ни помогне полесно да ги оствариме нашите цели.

Дејан Мисковски: Апсолутно, само преку заеднична соработка можеме да влијаеме врз остварување на нашите цели како и да придонесеме во разбирање на различностите, како во сопствените држави, така и надвор од нив.

Ана Ќупева

Ана Ќупева: Да. Сметам дека соработката со младите од различни земји е и воедно клучот кон мобилизирање на повеќе млади и креирање на еден еднаков свет од многу различности.

Изабела Јакимова: Да, би сакала бидејќи мислам дека на тој начин нашите цели и идеи ќе бидат раширени.

Александар Каратошо: Секако! Секогаш сум се водел по тоа дека заедно сме посилни и затоа верувам дека соработката е клучна кон патот до ЕУ и европеизацијата на општеството.

Каква инспиративна порака би им дале на младите?

Дона Срдиќ Лазаревска: На помладите би им препорачала никогаш да не се откажуваат. Светот денеска нуди толку многу можности така што секоја една млада личност може да го постигне тоа што вистински го посакува.

Дејан Мисковски: Бидете промената која сакате да ја видите!

Изабела Јакимова

Ана Ќупева: Ако не младите, тогаш кој? Доколку ги засега некој општествен проблем, активно да се вклучат во борбата за решавање на истиот. Нема успех без жртвување, а нема жртвување без храброст и труд. Предизвикувајте се и бидете амбициозни, на секоја држава и се потребни ентузијастични млади!

Изабела Јакимова: Да не молчат туку да дејствуваат.

Александар Каратошо: Бидете активни и амбициозни, секогаш борбени за вашите права и жедни за позитивни промени во општеството.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот