Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по добиено мислење од надлежното обвинителство, за укинување на мерката притвор за Сашо Мијалков со замена парична гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован, информираат од Кривичниот суд.
Вчера беше објавено дека Обвинителството дало позитивно мислење за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, да излезе од притвор од затворот во Шуто Оризари, бидејќи смета дека понудената гаранција од 11 милиони евра е доволна за тој да не избега.
Кривичниот совет, сепак, не се согласува со проценктата на обвинителството дека висината на понудената гаранција претставува доволен основ за замена на мерката притвор со гаранција.
„Советот, по проучување на списите во предметот, смета дека се уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги во предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна“, велат од судот.
Во изминатиов период додека е во притвор, за Мијалков беа донесени две пресуди кои не се на сила. За предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на незаконскато масовно прислушување, доби 12-годишна затворска казна, додека за случајот „Трезор“, кој се однесува на нелегална набавка на софтвер за следење на комуникации, судот му одреди 8 години затвор.
Поранешниот шеф на УБК во моментов издржува притвор за случајот „Трезор“.