Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Предложивме три термини, 23 и 30 август, како и 13 септември – приоритет останува здравјето на граѓаните

Мицкоски: Предложивме три термини, 23 и 30 август, како и 13 септември – приоритет останува здравјето на граѓаните

 

Скопје, 18 мај 2020 (МИА) – ВМРО-ДПМНЕ на денешната лидерска средба во вила Водно предложила три термини за одржување на предвремените парламентарни избори: 23 и 30 август, како и 13 септември. Овие термини, како што изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски по средбата, не се фиксни, туку зависат од состојбата – најоптимален би бил оној кога би била и најмала опасноста од коронавирусот по здравјето на граѓаните.

Мицкоски изрази надеж дека нема да има, како што нагласи, едностран акт на насилство од неколку партии во однос на одредувањето датум за избори. Очекува постигнување консензус со што ќе се потврди дека на партиите им се најбитни граѓаните, а не политичкиот интерес. Да ја напуштиме политичката логика и да се повикаме на логиката на граѓаните, на државноста и да го следиме развојот на панедмијата, порача Мицкоски.

Тој се пожали на извештајот од Комисијата за заразни болести која, рече, доставила многу бледо, некомплетно и нецелисходно соопштение во кое се наведени веќе постоечките заштитни мерки и  препораки, а во неа има и член кој е кандидат на СДСМ за пратеник.

Истакна и дека на лидерската средба претседателот на СДСМ Зоран Заев поставил ултиматум, а тоа е нешто под кое ВМРО-ДПМНЕ, напомена, не работи, ниту носи одлуки. Од трите предлози, потенцира Мицкоски, остануваат оние кога здравјето на граѓаните ќе биде најмалку во опасност.

– Цениме дека кон крајот на август и почетокот на септември вирусот ќе има најмал интензитет и тогаш здравјето на граѓаните ќе биде најмалку доведено во опасност. Дадовме предлог датуми, но велиме дека од овој момент натаму ќе ја набљудуваме состојбата и врз основа на неа ќе се произнесеме, напомена Мицкоски, додавајќи дека е многу битно да биде обезбедена и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Мицкоски уште еднаш повтори дека ВМРО-ДПМНЕ има единствен приортет – заштита на здравјето на граѓаните.

-Поразговаравме отворено за сето она што ние како ВМРО-ДПМНЕ го антиципиравме, пред нас ги имавме извештаите кои морам да признаам ме разочараа, а тоа се извештајот од Комисијата за заразни болести каде што во четири точки отприлика беше пренесена сето она кое што го имаме во минатото слушнато, уредбите, растојание од еден и пол до два метри како препорака, да носиме маски, да носиме ракавици, да ги миеме рацете. Прилично неочекувано за мене иако да бидам искрен очекував дека ќе бидат малку подетални, ќе бидат малку повеќе отворени во писанието бидејќи тоа што ни го напишаа дента претходно го слушнавме од неколку политичари од власт и од самиот господин Заев. Тука беше и дописот кој што го имаше ДИК доставено до претседателот Пендаровски каде што беше антиципиран можниот роковник на предвремените избори. Ако се собере многу лесно се доаѓа до бројката од 35 до 50 дена. И конечно на крај го имавме одговорот на писмото на одговорните од ОБСЕ/ОДИХР кои што велат вака накратко кажано, кажете ни дата ние ќе ви кажеме во колкав обем и колкава мисија можеме да испорачаме, посочи Мицкоски.

Според него, август или септември се најоптимални рокови и за да и се остави време на Владата „да се размавне“’, да ги спроведе економските мерки како оние што беа соопштени вчера.

– Да и дадеме можност на Владата да се размавне и ние како опозиција да ја поддржиме, да ги подготвиме протоколите и да ги заштитиме граѓаните, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски информира и дека на лидерската средба имало многу правни дилеми кои биле елаборирани.

-Се родија многу нови правни дилеми кои што луѓето кои што беа присутни на денешната средба ги eлаборираа, она кое што исто така сакам да го кажам е ВМРО-ДПМНЕ ја постави дилемата за повторно ажурирање на дијаспората и можноста за гласање бидејќи се ускратува уставно загарантираното право на лицата кои што во меѓувреме од последниот пат до денеска навршиле 18 години да бидат ажурирани и да можат да гласаат, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ го ставила на маса и повторното ажурирање на списокот за гласањето на дијаспората со оглед дека досега некои од избирачите навршиле 18 години.

– ВМРО-ДПМНЕ ја постави дилемата за повторно ажурирање на дијаспората и можноста за гласање бидејќи се ускратува уставно загарантираното право на лицата кои што во меѓувреме од последниот пат до денеска навршиле 18 години да бидат ажурирани и да можат да гласаат, објасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски пред изјавата им се извини на граѓаните што на лидерската средба наместо за мерки за превенција се зборувало за избори кои би го ставиле, како што рече, во опасност здравјето на луѓето. мч/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Обвинителство: Има материјални докази дека Палчо е сторител на двојното убиство

МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира, пред да изнесува невистини во јавност