Правиме напори за формирање на ново парламентарно мнозинство што ќе значи зафаќање со сериозна работа за надминување на тешката криза во која се наоѓа државата, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средбата со германската амбасадорка, Енке Холштајн.
На состанокот станало збор за актуелната политичка состојба, изборите и идните стратешки приоритети.
Мицкоски се надева на формирање на мнозинство, како што вели, врз основа на добиената доверба од граѓаните и верувајќи во принципите и вредностите кои беа елаборирани од страна на Коалицијата за обнова на Македонија.
Тој пред амбасадорката дал оценка дека изборите не биле фер и демократски бидејќи власта спровела низа прекршувања, поткупи и неправилности во текот на гласањето со што сериозно се нарушува демократскиот фундамент на изборите.
„Државата доби и сериозни забелешки за изборите нотирани од мисијата на ОБСЕ. Освен тоа што власта го осиромаши народот и ја втурна Македонија во тешка финансиска криза, спроведе организиран поткуп тежок неколку милиони евра. Со ваквото однесување се докажа дека власта прави озаконување на криминалот и корупцијата како главен супстрат на нивното делување“, рече Мицкоски.