Јегуновце, 29 јуни 2020 (МИА) – Од тетовската Брвеница, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средба со граѓаните, порача дека читанката насловена „Проект Обнова“ ќе биде „водилка за Владата и основа за иднината на Република Македонија“, потенцирајќи дека во неа има над 1.000 мерки со кои се опфатени планови, политики и проекти, со цел, како што рече, „да има реформи во секој сектор и за секој граѓанин“.
– Се обврзавме на најмали даноци за бизнисмените во Европа. Зголемување на плати и пензии и многу работи со што се обврзавме дека ќе помогнеме на сите кои сега се чувствувата обесправени и омаловажени, истакна Мицкоски.
Тој упати порака до СДСМ дека ќе престане, како што рече, „тргувањето“ со Гоце Делчев.
– Нема никаква историска комисија во која ќе преговараме дали Гоце Делчев е Македонец. Нема да преговараме за македонскиот јазик. Преку проектот Обнова се обврзуваме дека ние ќе бидеме факелот и огнот кој ќе го расплиме и ќе бидеме чувари на Македонија, потенцираше Мицкоски.
Пред присутните граѓани во Брвеница се обрати и носителот на листата на кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во шестата изборна единица, Дафина Стојаноска, која порача дека на 15 јули народот ќе расчисти со Зоран Заев, а потоа ќе дојде обновата.
– Ги злоупотребија ваучерите да дадат по три, шест или девет илјади денари, а одзедоа милиони од народот, рече Стојаноска.
Таа нагласи дека за неа е огромна чест и одговорност да биде носител на листа на која што се наоѓаат луѓе „кои си ја сакаат и чуваат Македонија“.
– Луѓе кои се подготвени да се борат за правда и нејзин напредок, за честа и достоинството на сите нас, за заедничка корист за сите, а за ничија штета, истакна Стојаноска.
За проектите предвидени во проектот Обнова зборуваа и кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од општина Брвеница. ас/оџ/