Новиот пакет на мерки со кој се фали владата е неразвоен и нема да одговори на потребите на стопанството и граѓаните, туку е ново пљачкање на државата, додека бизнисот и граѓаните трпат, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на компанијата Специјал, во општина Ѓорче Петров, одговарајќи на новинарско прашање за петтиот владин пакет мерки.
Мицкоски истакна дека како и досега нема помош, туку има крадење бидејќи власта вети една милијарда евра, а самиот Фатмир Битиќи кажа дека помошта била за граѓаните и за стопанството не повеќе од 350 милиони евра, што значи дека ги нема или некој ги покрал останатите 650 милиони евра.
„Поддршката на стопанствениците и на компаниите, велеа дека ќе даделе бескаматни кредити, а потоа под притисок на опозицијата и јавноста додадоа во февруари и март дека во зависност од падот на приходите на компаниите ќе дадат дополнителна стимулација за вработените за личниот доход започнувајќи од 14.500 денари за најмалиот пад на промет до 21.000 денари за поголем пад. Тоа го поздравувам но тоа треба да трае за целата 2021 година која очигледно ќе биде кризна за македонската економија“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека неприфатливи се акробациите на власта бидејќи создаваат несигурност во бизнисот и луѓето не можат да планираат на правилен начин, бидејќи носат решенија под притисоци, решенија денес за утре наместо да има предвидлив период.
„Никаде не видов интензивна реализација на капиталните инвестиции што е суштински важно, не се гледа каде ќе се градат патишта, не се гледа каде ќе се реновираат болници, не се гледа каде ќе се гради канализација, не се гледа каде ќе се инвестира во водоводи, театри, градинки, културни институции. Реализацијата на капиталните инвестиции никаде не ја гледаме што основно за раст за економијата и поддршка за бизнисот и стопанството“, нагласи Мицкоски.
Тој вели дека наместо помош сега власта се обидува повторно со ниски кампањи, како тоа дека игра на ставот дека ќе ги избришат долговите што ги имале граѓаните кон комуналните претпријатија, ако основниот долг го платат во 6 или 12 рати, но ги изоставуваат оние граѓани кои редовно ги сервисираат своите обврски.
„Треба да им се помогне на луѓето да им се дадат повеќе рати, но што со оние граѓани кои редовно ги сервисираат своите обврски и зошто тие се изоставени во овој пакет. Ние како ВМРО-ДПМНЕ, амандмански ќе интервенираме во предлог законот и за оние граѓаните кои редовно ги плаќаат обврските да има одредена помош ваучери кои понатаму може да ги користат за плаќање на овие обврски“, рече Мицкоски.
Мицкоски се осврна и на помошта за тутунарите за која вели дека е понижувачка затоа што 20.000 семејства кои егзистираат од тутунот се буквално понижени со само 10 денари помош која не се знае кој ќе ја добие и покрај тоа што оваа година има убедливо најниска цена од 120 до 140 денари и историски најслабото оценување на класата на тутунот незапаметено од 2005 до денеска.
„Не го прифатија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за субвенцијата која изнесуваше едно евро за килограм тутун, ниту предлогот веднаш да биде укинат делот од законот кајшто се дозволува увоз на тутун се додека не биде продаден тутунот на македонските тутунари, и денеска дополнително ги навредуваат со тоа што на секој еден ќе дадат поддршка од 10 денари, а министерот дава изјава дека не знае по кој критериум ќе бидат делени овие пари. Повеќе од 20.000 семејства се прехрануваат од тутунот“, вели Мицкоски.