Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: На лидерската средба очекувам разум, трезвеност и свесност за реалната ситуација

Мицкоски: Во овој момент изборите не се прв приоритет, туку здравјето на граѓаните

Скопје, 17 мај 2020 (МИА) –  На лидерската средба очекувам разум, трезвеност и свесност за реалната ситуација, вели претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во пресрет на утрешната средба кај претседателот на државата на која треба да се разговара за утврдување датум за парламентарни избори.

Во интервју за ТВ Канал 5 Мицкоски потенцираше дека само за една недела од последната лидерска средба до денеска има 170 нови заболени и десетина починати и оцени дека работите не само што не одат во позитивна насока, туку одат во спротивна.

-Очекувам да ги слушнам одговорите на алгоритамот којшто го усвоивме во минатиот состанок, а тоа се одговорите од комисијата за заразни болести, да видиме од седиштето на ОБСЕ и ОДИХР, и што мисли ДИК и на тој начин да го утврдиме првиот можен датум кога би можеле да се случат овие избори, потенцираше Мицкоски.

Тој истакна дека очекува политичките партии да се позиционираат со одредени датуми кога, како што рече, „цениме дека здравјето на граѓаните најмалку ќе биде загрозено или не дај Боже, да имаме еден човечки живот загубено“.

Според Мицкоски, премиерот Оливер Спасовски денеска, при претставувањето на третиот пакет економски мерки, практично го проектирал септември како месец кога треба да се одржат изборите.

-Мерките од првиот столб практично се насочени кон  различни целни групи. Имајќи го предвид фактот дека на 30 мај завршува вонредната состојба, од 31 мај па во следните 60 дена ако имаат намера како што велат да ги одржуваат изборите во јуни, стапува во сила членот 8 а од Изборниот  законик кога одредени плаќања што не се предвидени со план не може да се случуваат односно во тој  случај практично сопираат сите вонредни плаќања. Тој што ќе стави потпис на таква одлука, автоматски  прави кривично дело што Изборниот законик го третира како поткуп. Оттука го вадам  заклучокот дека или денеска Оливер Спасовски го постави септември како можен месец за одржување на предвремените парламентарни избори или, пак, се лицемерни кон граѓаните и ветуваат нешто што не може да исполнат, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, доколку се погледнат останатите два столба, ќе се види дека периодот на реализација е септември-декември што, како што рече, значи дека во моментот ниту имаат јасен план, ниту знаат, ниту имаат намера да го испорачаат ветеното. лв/хс/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри