Скопје, 16 март 2020 (МИА) – Одржување избори ќе значи директно изложување на илјадници граѓани на ризик по нивното здравје и ширење на коронавирусот. Јас без трошка колебање го избирам интересот на државата и граѓаните. Потребно е одговорно однесување. Борба за власт по цена на живот е неприфатлива, рече на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој изјави дека разговарал со претседателот Стево Пендаровски и побарал лидерска средба за одложување на изборите која, според него, е прифатлива за шефот на државата и ќе се одржи утре.
Мицкоски истакна дека државата е соочена со еден од најголемите предизвици од осамостојувањето, нарекувајќи ја „сериозна ситуација со огромен потенцијал за распламтувачка криза со неогледливи размери“.
Тој рече дека од доктори со кои комуницирал бил информиран дека вирусот ќе продолжи да се шири и зенитот ќе го достигне за еден месец.
ВМРО-ДПМНЕ предлага, како што рече, конструктуивни мерки за надминување на кризата, додавајќи дека Владата дел прифатила, како што е помош на клиниките од лекари од нивната партиска комисија за здравство.
Според него, не им се прифатени предлозите за прогласување кризна состојба, бесплатно делење маски и поддршка на бизнисот. Тој повика тие да се спроведат зашто ова не е битка за слава и поени.
– Имаме пандемија во која во прашање се човечки животи. Од за мене неразбирливи причини, а веројатно од политичка кусогледост, Владата одбива прогласување кризна состојба на целата територија на државата, рече Мицкоси на прес-конференција на отворено пред партиското седиште.
Тој рече дека март ќе биде црн месец за бизнисот, за малите фирми кои без поддршка од државата се осудени на банкрот и дека според очекувањата негативното влијание врз економијата ќе изнесува 220 милиони евра во два месеца.
Мицкоски смета дека не се преземени мерки и за образованието зашто нема алтернатива за губењето на учебната година. Сите аргументи и потребата за одлагање на изборите, како што рече, ќе ги предочи на лидерската средба. хс/
Прес конференција 16.03.2020
Posted by ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА ЗА МАКЕДОНСКО НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО on Понеделник, 16 март 2020