Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната посета на пазарџиите, беше прашан за негов став во однос на задоцнетото пристигање на вакцини против КОВИД-19.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека дава целосна поддршка за набавка на вакцините.
„Дај боже денеска да имаме вакцини. Еве, јас поддржувам и идната недела да имаме вакцини и ќе поддржам било кога, само нека ги донесат тие вакцини. Нека почне оној кој што сака да се вакцинира, да се вакцинира. Се срамам, што сме последни, што сите држави во Европа буквално почнаа. Што еден Авганистан има половина милион дози добиено, а ние како држава уште коленичиме, се молиме, на лево, на десно, да добиеме 10,20,50.000 или 2.000 дози“, истакна Мицкоски.
Мицкоски рече дека го охрабрува министерот за здравство, и целата власт да излезат и јавно да ја кажат вистината на јавноста, кога конечно ќе пристигнат вакцините против КОВИД-19 во државата.
„Што треба ние како ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција да направиме, ќе направиме, да им помогнеме во таа намера, бидејќи гледаме дека се тотално неспособни. А, за скандалите во здравството, само да дополнам, ќе бидете сведоци во периодот кој што следи, ќе видите дека на се се фокусирани, само не се фокусирани на обезбедување на вакцини и борба против оваа пандемија која што за жал не задеси“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.