ВМРО-ДПМНЕ достави одговор на известувањето во однос на вратената интерпелација за работата на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Партијата смета дека враќањето на поднесената интерпелација е неосновано и спротивно на Деловникот на законодавниот дом.
„Интерпелацијата и нејзината форма се единствени и врз нив не се применуваат одредбите кои што се однесуваат на предлог на закони како што е наведено во самото барање односно не се повикуваат на членот 136 од Деловникот. Членот 136 се однесува на поднесување на предлог на закони, а интерпелацијата и нејзината форма не е предлог на закон“, истакна координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Интерпелацијата беше поднесена месецов, откако Џафери во Европскиот парламент говореше на албански јазик. Пратеничката Гордана Силјановска Давкова тогаш изјави дека Џафери направил кривично дело.
„Можеби се ова најтешките моменти на атак на македонскиот јазик не само однадвор, од соседството туку и одвнатре. Суспендирајќи го македонскиот јазик како ексклузивен во меѓународната комуникација тој го атакуваше одвнатре. Со ова не само што го повреди Уставот, туку го направи македонскиот народ како и јазикот како еден од најважните идентитетски симболи, со што го изложи на подбив македонскиот народ, а всушност ова е кривично дело кое е санкционирано според членот 179 од Кривичниот законик“, рече Силјановска Давкова по поднесувањето на интерпелацијата.
Интерпелација поднесе и политичката партија Левица. Минатата недела, претседателот на Собранието, ја врати на корекција бидејќи документот не бил поднесен со уставното име на земјава.