Утрински Весник
Македонија

Мисовски: Илинден е концептот кој обединува и гарантира заедничка и просперитетна иднина

Мисовски: Илинден е концептот кој обединува и гарантира заедничка и просперитетна иднина

Илинден е концептот кој обединува и гарантира заедничка и просперитетна иднина, изјави потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој ја претставуваше собраниската делегација на Мечкин камен во Крушево. Тој од негово име и од името на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој поради здравствени причини не беше во можност да се обрати денес, го честиташе Денот на Републиката. Рече дека денешното одбележување е невообичаено споредено со сите претходни прослави, поради состојбата со ковид-19, меѓутоа неопходно е почитувањето на препораките на Министерството за здравство и мерките преземени од Владата.

„Ќе го надминеме и ова, ќе ја победиме и пандемијата, со сите нејзини негативни последици. Ќе излеземе посилни, обединети и секако помудри и побогати за едно искуство, за една вредност која се чини секогаш ја запоставуваме, а тоа е здравјето и моралните вредности како што се солидарноста, хуманоста и пожртвуваноста, особено на нашите почитувани здравствени работници. Оттука, изразувам почит и благодарност за исклучителната професионалност, посветеност и несебичност што здравствените работници ја покажаа сиот овој изминат период“, изјави Мисовски.

Во обраќањето, Мисовски се осврна на ратификувањето на протоколот за членството во НАТО коментирајќи дека да се биде под чадорот на НАТО значи колективна безбедност, еден за сите – сите за еден, како семејство и заштитник.

„Нас животот не научил, ние секогаш сме биле мултиетничка, мултиконфесионална средина, во која секој си го наоѓал своето сино небо, своето топло сонце, својот душевен мир и парче леб за своето семејство и споделувал и добро и лошо со соседот, со блискиот и подалечниот. Дури повеќе во лоши мигови, затоа што, тагата долго време опстојувала на нашето поднебје. Се чини дека искористувањето на различностите беше инстантна и многу вирулентна почва за лесно подгревање на непријателствата и конфликтите. Меѓутоа, бевме мудри, се издигнавме над тие анахрони сфаќања и извлековме поука: цело е кога има сѐ! Цело е кога се сите среќни, задоволни, рамноправни граѓани, кога секој е правно заштитен и ги ужива истите права и слободи, подеднакво е конкурентен на пазарот на трудот, подеднакво е вреднуван за својот труд и придонес. Затоа што, ова е прекрасна и широкограда земја, во неа има место за секој добронамерник, за секој што ги надминал тесноградите и себични интереси и што ја гледа големата, заедничка слика во која постои взаемна почит и разбирање за поединостите кои не разликуваат, а кои всушност произведуваат најубав мозаик на човештвото“, истакна Мисовски.

Тој е уверен дека сите во земјата веруваат во европската перспектива на нашата земја и тежнееме кон тоа да ја исполниме и втората стратешка цел од независноста на државата, а тоа е да станеме дел од големото европско семејство. Во овој контекст, вели Мисовски, потребни ни се функционални и одговорни институции кои ќе можат да испорачаат видливи и ефективни резултати кои ќе бидат во линија со преговарачката рамка од Европската комисија, за да можеме да ги отвораме поглавјата за членство во Европската унија.

„Имајќи предвид дека неодамна имавме предвремени парламентарни избори и во очекување сме на одржувањето на конститутивната седница на Собранието, апелирам до сите политички чинители, без оглед дали се власт или опозиција, сите кои сме добиле одговорност да ја водиме државата доверена од граѓаните, со визија и мудрост да ја оправдаме нивната доверба и да ги исполниме ветувањата и заложбите дадени пред нив. Граѓаните со право очекуваат брз напредок и развој, безбедност и сигурност кои ќе овозможат својата иднина да ја гледаат и да ја градат дома, во нивните родни места, во нашата заедничка татковина“, додаде Мисовски во своето обраќање.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

ЦУК: На бројот 112 во изминатото деноноќие 1697 повици, се гаселе девет пожари на отворен простор

Јавното обвинителство презема дејствија за расчистување на настанот со сквернавењето на македонското знаме

Средба на министерот Муцунски со Комесарот за трговија на Обединето Кралство, Крис Бартон