Утрински Весник
Македонија

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за три дена во земјава, од 22 јуни целосно функционална за следење на изборите

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за три дена во земјава, од 22 јуни целосно функционална за следење на изборите

Скопје, 16 јуни 2020 (МИА) – За три дена, односно на 19 јуни во земјава пристигнува набљудувачкиот тим на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, кој ќе биде подготвен за работа од 22 јуни, изјави за МИА портпаролката на ОБСЕ/ОДИХР, Катја Андруш.

Таа истакна дека ОДИХР ќе распореди Специјална изборна оценувачката мисија во Северна Македонија за предвремените парламентарни избори, кои откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера ги усогласија ставовите, ќе се одржат на 15 јули.

Мисијата се состои од седум експерти, кои ќе бидат сместени во Скопје и од главниот град ќе го следат целокупниот изборен процес.

-Мисијата внимателно ќе оценува колку изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и останатите меѓународни стандари за демократски избори, како и согласно националното законодавство, вели Андруш за МИА. 

Пред избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) најави 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи. Андруш за МИА вели дека биле принудени да ја суспендираат оваа набљудувачка мисија за предвремените избори во Северна Македонија поради ограничувањата на патувањата, но и поради грижата за здравјето, кои се појавија како последица на коронавирусот.

 – Здравјето на нашите колеги е секогаш приоритет. Безбедносните аспекти, како и продолжените рестрикции во меѓународните патувања и ограничувањата за влез во земјите во кои се одржуваат избори создаваат предизвици за сите наши активности поврзани со изборите и пред се за воспоставување на долгорочни и краткророчни набљудувачи, кои се испраќаат директно од земјите-членки на ОБСЕ, нагласува Андруш.

Потенцира дека како и секогаш набљудувачите на ОБСЕ тесно ќе соработуваат со властите во земјава за време на изборниот процес.

ОБСЕ/ОДИХР на покана на македонската Влада испраќа специјална мисија за следење на предвремените парламентарни избори, а мисијата во неделата соопшти дека објавила конкурс за ангажирање експерти од различни области кои треба да го следат изборниот процес. Конкурсот завршува денеска и во него се бараше шеф на мисијата на Северна Македонија и негов заменик, политички и изборен аналитичар, како и аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник. Мисијата ќе биде во траење од три недели. ац/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот