Скопје, 27 јуни 2020 (МИА) – Носителот од ВМРО-ДПМНЕ на изборната единица 2 Владо Мисајловски, денеска оствари средби со жителите од населените места Железара, Хиподром и Маџари од општина Гази Баба, од каде порача дека секој ден има нов случај на рекет и корупција.
– Некои луѓе станаа милионери, додека нас ни велат да седиме дома, тие на владина седница со уредба поминуваат лиценци за марихуана, ете таква власт имаме. Додека ние размислуваме како да го спасиме здравјето на граѓаните, тие мислат како на некој пријател да им отворат нов бизнис за марихуана. Тоа е реалноста овие три години, изјави Мисајловски.
На средба со пензионерите во Хиподром, Мисајловски посочи дека во програмата Обнова за Македонија се предвидени 1 000 проекти кои значат решение за проблемите на граѓаните, при што додаде дека е предвидено и покачување на пензиите за 20 проценти во еден мандат, намалување на невработеноста под десет проценти и зголемување на просечната плата.
– Сакаме да ви кажеме дека имаме одлична програма сакаме да понудиме многу решенија, сакаме да ги вратиме пензиите на пензионерите 20 процетни да се зголемат во еден мандат, се обврзуваме да ја намалиме невработеноста под десет проценти, се обврзуваме да ја зголемиме просечната, повеќе работни места за младите за да останат во државата и да ја градат својата иднина тука, вели Мисајловски.
Тој им порача на граѓаните дека на 15 јули тие гласаат за себе и одлучуваат во каква држава ќе живеат. аа/