Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) ќе назначи лице кое постојано ќе биде во директен контакт со Министерството за економија со цел континуирана соработка, навремено и транспарентно информирање, како и пренесување на предлозите за подобри политики од двете страни.
Ова е предвидено во Меморандумот за соработка кој денеска беше потпишан помеѓу Министерството за економија и Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
Министерот за економија Крешник Бектеши на потпишувањето Меморандумот за соработка истакна дека Министерството за економија континуирано работи на подобрување на соработката со бизнис секторот, пред се во делот на креирање на мерки и програми кои се во интерес на компаниите.
„Станува збор за многу важен документ. Ние и во минатото сме имале одлична соработка и сме креирале мерки и политики во интерес на бизнисот, но сега со Меморандумот кој што денеска го потпишавме сме обврзани да ги споделуваме заедничките информации транспарентно и навремено со цел подобрување на условите за бизнис заедницата. Министерството за економија останува отворено за соработка. СКСЗМ располага со голем број анализи посебно на микро и малите претпријатија се важни за Министерството за економија. Ние овие анализи ќе можеме да ги користиме за креирање политики, за рационално користење на средствата и се тоа во насока на освојување нови пазари, промоција и зголемување на извозот“, изјави Бектеши.
Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, истакна дека лицето што ќе биде назначено од нивна страна, ќе биде вклучено во сите активности во Министерството за економија.
„За реализација на сите наши барања, заложби за подобра бизнис клима ќе номинираме кандидат од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) кој ќе биде мост на соработка и проток на информации меѓу двете институции. Нашата заложба како бизнис заедница е секогаш во насока на подобар бизнис амбиент за развој на економијата во нашата држава“, кажа Хоџа по потпишување на Меморандумот за соработка.