Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска даруваше крв во Институтот за трансфузиона медицина (ИТМ), во рамки на редовните крводарителски акции кои ги организира тимот на професионалци Blood Bank – Tenk од Одделот за планирање, организација и реализација на крводарителство при ИТМ.
Како што информираат од министерството, Спасовски е редовен крводарител, а неодамна дарувал и крвна плазма која се употребува во лекувањето на потешките форми на Ковид-19.
„И во оваа прилика сакам да упатам апел до сите граѓани, особено до младата популација, да ги практикуваат здравите животни навики и да бидат на ниво на социјалната одговорност со обезбедување квалитетна, безбедна и достапна крв и крвни продукти за пациентите на кои им се неопходни за лекување”, истакна министерот и додаде дека само со развиена свест и позитивен однос кон највисокиот акт на солидарност – крводарителството, можеме да го постигнеме највисокото ниво на здравствена култура, а тоа е спасувањето човечки животи.