Регистрирани сe 11.610 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 4,5% во однос на минатата недела (n=11.115). Процентот на позитивност се движи од 23,6% до 34,4%, просечно 29,1%.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 17-ти до 23-ти јануари 2022г., тестирани се 39.289 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,6% во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст 30-39г (n=2.711, 23,4%) и 40-49г (n=2.424, 20,9%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г (n=267; 2,3%). Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи со најголемо зголемување кај возрасната група над 0-9 години со зголемување од 30,9% и возрасната група 60+ со зголемување од 17,1% во однос на претходната недела. Се регистрира намалување на бројот на заболени кај возрасните групи од 10-19 години (-15,3%) и 20-29г (-18,0%) во однос на минатата недела.
Со статус „оздравени“ се стекнале 7.627 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.559 реинфекции, со зголемување од 25,0% во однос на претходната недела.
Пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови во текот на изминатата недела, за 76,4% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (38). Во однос на возраста, најголем број (n=85; 87,6%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (8), 40-49 години (2) и 30-39 години (2).
На 17.02.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против COVID-19. Заклучно со 22.01.2022, вакцинирани се вкупно 864.759 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство . Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.