Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во своето обраќање во Собранието, а во однос на францускиот предлог, рече дека во моментот нема никакви гаранции дека и покрај направените концесии, државата ќе стане членка на Европската Унија.
„Недозволиво е внесување механизам за следење или спроведување на преговорите поврзани со протоколот со заедничката историја, преговарачката рамка или заедничките извештаи. Во ваков случај тој механизам би станал услов за текот на преговорите и процесот во диктат од едната страна, за нејзини важни политички или историски прашања и би го засенил процесот на европеизација и стандарди за кои вие тврдите дека се залагате“, вели Милошоски.
Тој порача „вашето фотографирање во Брисел ќе биде слично на фотографирањето што го имавте со вашиот колега Никола Димитров, со Зоран Заев и со Кочо Анѓушев. Тоа фотографирање дека сме добиле датум испадна една илузија и исто така ќе биде илузија дека се отвораат преговорите. Понатаму, Македонија, македонскиот јазик не смее да се дозволат никакви измени на предложениот текст на преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик, ниту дополнителни појаснувани изјави“.
„Македонија веќе е членка во Советот на Европа одамна, таму никој нема дадено дополнителна изјава зошто Македонија би прифатила да има дополнителна изјава во однос на Европската Унија.
Затоа сметам дека ова е една замка што ќе биде чекор напред кон продолжување на остварувањето на она што е зацртано во бугарската декларација за што ве предупредивме ние во 2020 година, но вие тврдевте дека не постои, а потоа тврдевте дека е незначаен дел од нивниот записник во Европската Унија“, рече Милошоски.