Во недела 23 август во Лисабон ќе се судрат двата најдобри фудбалски тимови во Европа, барем сезонава, а таму ќе се најде еден од денешните ривали во Лигата на шампиони – француски ПСЖ или германски РБ Лајпциг.
Малку традиција, многу пари, но затоа истата цел, стадионот „Жозе Алвеладе“ во Лисабон, во недела и престижниот пехар „со големите уши“.
Вечерва во 21 часот се игра првото полуфинале во ЛШ меѓу два клуба чии сопственици покажаа дека во модерниот фудбал со вложување може да се стигне до највисока цел.
Вечерва ќе биде ученикот против учителот, Нагелсман против Тухел.
„Мечевите против Томас се секогаш интересни, затоа што тој секогаш има добри идеи како би требало фудбалот да се игра. Често бевме на спротивите страни во Германија и ретко излегував како победник. Се надевам дека тоа ќе се промени. Се надевам дека ќе одиграме како против Атлетико, но би бил задоволен и ако изиграме лошо, а влеземе во финале“ вели Нагелсман.
Лајпциг е „клуб на 21 век“, основан во 2009 година. Тргнаа од петтата лига во Германија, но силниот спонзор (Ред Бул) за кратко време ги донесе до врвот на светскиот фудбал.
Лајпциг во тимот има многу млади фудбалери кои во потполност не се афирмирани, но на теренот играат одличен фудбал предводени од 33-годишниот стратег, Јулијан Нагелсман.
Улогата на фаворит е за ПСЖ кој во судиското надополнување успеа да ја „прескокне“ Аталанта.
Од осоколениот Нејмар и опоравениот Мбапе се очекува најмногу, но „биковите“ покажаа дека од никого не се плашат.
Клубот со газди од Катар кој го вчудоневиди фудбалскиот свет кога во 2017 година за двајца фудбалери потроши вртоглави 400 милиони евра (Нејмар и Мбапе) е решен да оди до самиот крај. Сепак има респект за противникот.
„Тие се млад и амбициозен тим, одиграа многу доминантно против Атлетико. Имаме квалитетни и талентирани играчи и мора да дадеме се од себе за да победиме“ вели стрелецот на израмнувачкиот гол против Аталанта, Бразилецот Маркињос.
Полуфиналниот дуел започнува во 21 часот на „Луж“ во Лисабон, а судија на мечот ќе е Кујперс, од Холандија.
> Милионите на „Светците“ против „биковите“ од Лајпциг, Најмар и Мбапе на тест <