Скопје, 2 март 2020 (МИА) – Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска ќа ја посети општина Валандово. Целта на посетата е увид во проектите што се имплементираат во општина Валандово, финансирани од страна на Министерството за локална самоуправа.
При посетата на Валандово, министерот Милевски ќе има работна средба со претставници од локалната самоуправа во просториите на општина Валандово. Тој ќе ја посети и детска градинка „Калинка“, а ќе направи увид и во проект „Туристичка патека од природа до култура на планината Плавуш“.
Оттаму информираат дека во Валандово се имплементираат проектот за „Евалуација на мерки за енергетска ефикасност“, потоа проект за реконструкција на детската градинка „Калинка“. Овој проект е финансиран од ЕУ преку ИПА фондовите за прекугранична соработка со Грција каде општина Валандово е носител на проектот заедно со партнерските општини Серес и Радовиш, музичкиот конзерваториум од Грција и ЦЕРТ. Вкупниот буџет на проектот изнесува 1.419.375,80 евра, додека вкупниот буџет на општина Валандово изнесува 388.213 евра.
Со имплементација на проектот “3Еm“, проектните партнери би постигнале подобрена енергетска ефикасност на реконструираните јавни згради во општините Валандово, Радовиш, Серес и Флорина за 30 отсто, намалени емисии на стакленички гасови (СО2) од реконструираните јавни згради за пет отсто,
подобрување на капацитетот на општинската администрација во промовирањето на енергетската ефикасност и употребата на обновливи извори на енергија, зголемена свест кај локалното население за придобивките од подобрувањето на енергетската ефикасност на јавната инфраструктура преку промотивни активности, замена на традиционалните необновливи и загадувачки извори на енергија со поеколошки и обновливи извори и подобрени услови за работа на градинките што води до создавање на нови групи за згрижување на деца.
Проектот „Туристичка патека од природа до култура на планината Плавуш“ се реализира преку Центарот за развој на југоистечен плански регион и општина Валандово. Вкупната сума на проектот е 8.360.000 денари а средствата се обезбедени од Бирото за регионален развој. Со овие средства се изврши проширување и реконструкција на постоечкиот пат од Валандово до манастирот „Св. Ѓорѓи“ се формираа паркинг зони и целата траса се осветли. Исто така, поставени се павилјони со различни визури, изградена е трим патека, забавен парк за деца и уреден е просторот околу манастирот.ир/скс/