Дел од јавнсота бурно реагираше на најавата дека од идната учебна година ќе се случуваат крупни промени во во основното образование. Најавата дека ќе се воведе концепт со кој повеќе предмети се интегрираат во еден предизвика многу различни толкувања и реакции. Во јавноста се појавија и редица дезинформации дека ќе се укинуваат цели предмети, но тие тврдења веднаш беа демантирани од образовните власти.
Дека системот има големи маани и дека е неопходно да се менува, во изминативе години постојано предупредуваа познавачи на состојбите во образованието. По воведувањето на деветгодишното образование, ова што сега се најавува е најголемата промена што ќе ја претрпе образовниот систем, со цел, како што велат надлежните, истиот да се осовремени и приспособи на современите текови.
Што точно ќе се менува, што тие промени ќе значат за учениците и за наставниците, какви се очекувањата на долг рок од новините, каде сè се применува ваков образовен систем? На овие, но и на други прашања, во интервју за Мета, одговори дава министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Новиот концепт најмногу ги исплаши предметните наставници, кои стравуваа дека може да останат без работа по најавеното спојување на неколку предмети во еден. Што ќе значи новиот концепт на основно образование во оваа смисла? Дали ќе се промени нивната работа?
Новиот концепт за основно образование предвидува интегрирање на содржини од повеќе предмети, на пример историја, граѓанско образование и географија во наставна програма за општествени науки, при што наставниците по овие предмети продолжуваат да работат во училиштето, но сега заеднички ја планираат наставата, ги поврзуваат општествените појави и процеси, а учениците ги учат од различни перспективи. Никој нема да го загуби работното место. Напротив, ангажманот на наставниците дури и ќе се зголеми, но имаме план и за зголемување на мотивацијата за работа, преку воведувањето на кариерен напредок и повисоки лични примања, преку подобрување на условите за работа во училиштата и слично.
Што е она што ќе се менува во однос на пристапот на наставниците, што се очекува да биде различно во наставата?
Со новата концепција го напуштаме стариот пристап на фактографското учење и ги поттикнуваме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта ни е обезбедиме образование со кое секое дете ќе учи за вредностите како што се толеранција, почит и личен развој. Со новиот концепт учениците ќе научат да учат, ќе имаат личен развој и што е најважно ќе го достигнат својот полн потенцијал преку изборни и воннаставни предмети. Суштината на промените е во пристапот на наставниците кон самите ученици, водејќи се притоа согласно трендовите во светот кои докажано даваат резултати, односно имаат поголем позитивен импакт кон знаењето на децата и нивната подготвеност по напуштањето на училниците. Ваквата концепција веќе ја има во дел од приватните училишта во државата.
Какви подготовки се планирани пред имплементацијата на новиот концепт?
Откако ќе биде усвоена конечната верзија на документот, ќе се пристапи кон креирање на наставните програми од страна на наставници, универзитетски професори, експерти од Бирото за развој на образование. Во меѓувреме, ќе се организираат обуки за наставниците за да може полесно да се прилагодат на новата концепција. Истовремено, со овој процес се воведува и процес за кариерен развој на наставниците. Наставниците за првпат ќе имаат можност да се пријават за наставници-ментори кои покрај наставата ќе им помагаат на наставниците за што поуспешно организирање на предавањата. Целта е да се постигне тимска работа која ќе овозможи квалитетна настава по сите предмети.
Дали во некоја од развиените земји во светот веќе се применува ваков модерен образовен систем? Какви се тамошните искуства?
Концепцијата за основно образование каде што предметите се интегрираат се применува во многу современи и развиени земји од Европа, Америка, Австралија. Нивните искуства покажуваат дека ваквиот образован систем е ефикасен, а потврда за тоа се високите резултати постигнати на меѓународните тестирања. Новата концепција не е новина кај нас, туку таа се применува во неколку приватни и јавни училишта.
Најмногу реакции имаше за интеграцијата на предметот Историја во предметот Општествени науки. Какви промени ќе претрпат содржините во наставната програма по Историја? Што е она што ќе биде скратено?
Концепцијата за основно образование ја дава „рамката“ според која се планира основното образование и документот не брише содржини од наставните предмети, ниту пак предвидува менување на содржините од предметот историја. Наставниот предмет историја останува задолжителен дел од интегрираната наставна програма по општествени науки. Интегрираното изучување на модулите: географија, историја и граѓанското образование овозможува суштинско поврзување затоа што тие се фундаментали димензии на иста појaва/процес. Секој историски настан е неразделно поврзан со географскиот амбиент во којшто се одвивал. Интегрираното изучување на историјата и географијата е карактеристично за најголемиот дел земји со развиени образовни системи. На пример, ова е најдобриот начин на учениците да им се објасни каде и како се развиле древните цивилизации и кои природни услови влијаеле на нивната култура. Од друга страна, можеме да направиме разлики и споредување или поврзување со денешното сфаќање на културите. На ист начин ќе бидат организирани и природните научни дициплини односно во еден предмет природни науки којшто ќе содржи модули по биологија, хемија и физика. Со интегрирањето се овозможува изучување по теми, односно суштинско поврзување на основните димензии на иста појава и процес.
Какви се вашите, вклучително и проценките на членовите на работната група (експерти, професори, практичари) за тоа, што ќе донесе овој нов концепт на долг рок?
Концепцијата треба да направи трансформација на училиштата, да создаде училиште што ќе ги учи младите да учат, ќе овозможи замена на стариот пристап на фактографско учење и ќе ги поттикне младите да размислуваат критички, да решаваат проблеми со носење на одлуки врз база на анализи и факти. Конечно, концепцијата ќе значи нов образовен модел преку кој секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал во основното образование. Со новата концепција за основно образование за првпат се воспоставуваат национални стандарди со кои се определуваат компетенциите што треба да ги стекнат учениците во текот на деветолетката. За прв ќе се гледаат резултатите од учење што е меѓународен стандард, а учениците од деветолетка ќе излегуваат со знаења во 8 подрачја како што се јазична писменост; користење други јазици; математика, природни науки и технологија; дигитална писменост; личен и социјален развој; демократска култура и граѓанство; претприемништво и уметничко изразување, култура и мултикултура. Тоа е она што им е потребно на младите да бидат граѓани на едно модерно општество, да бидат креативни, иновативни и преку лични успеси да придонесуваат кон развојот на државата.