Утрински Весник
Свет

Милано ќе реконструира улици за да овозможи повеќе простор за велосипедисти и пешаци

Милано ќе реконструира улици за да овозможи повеќе простор за велосипедисти и пешаци

Северниот италијански град Милано и околниот регион Ломбардија кои беа особено погодени од пандемијата на корона вирусот, воедно се и меѓу најзагадените области во Европа. Како последица од справувањето со вирусот, Милано ќе го промени уличниот простор за автомобили, со цел да овозможи повеќе простор за велосипедизам и прошетки, пишува „Гардијан“.

Градските власти веруваат дека со оваа мерка ќе го намалат користењето на автомобили, бидејќи жителите кои ќе се вратат на работа сакаат да го избегнат јавниот превоз. Поради карантинот што се воведе во земјата, метежот на моторниот сообраќај опадна за 30 до 70%, а воедно и се намали загадувањето.

Градот објави дека 35 км улици ќе бидат реконструирани во текот на летото, со брзо, експериментално градско проширување за велосипедизам и простор за пешачење, за да се заштитат жителите бидејќи постепено се укинуваат ограничувањата на Ковид-19.

Планот „Страде Аперте“, вклучува привремени патеки, нови и проширени коловози, ограничувања на брзината до 30 км/ч, како и приоритетни улици за пешаци и велосипедисти.

„Со години работевме да се намали употребата на автомобили. Ако сите возат автомобил, нема простор за луѓе, нема простор за движење, нема простор за комерцијални активности надвор од продавниците“ изјави заменик-градоначалникот на Милано, Марко Гранели.

Во моментов, во Италија има 181.228 заразени. Од вирусот починаа 24.114, а закрепнаа 48.877 лица.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење