Скопје, 22 март 2020 (МИА) – Општина Карпош продолжува со интензивно одржување на јавната хигиена, миење и чистење на улиците, платоата и плоштадите, како и урбаната опрема (клупи за седење, корпи за отпадоци, вело паркинзи).
– Со цистерни денеска се измиени и дезинфицирани локалните улици во Карпош 1 и Карпош 2, а исто така се користеше и посебно средство за дезинфекција на урбаната опрема. Дел од овие активности, миењето на улиците стана секојдневна работа на комуналните служби на Општина Карпош, која во изминатиов период се интензивираше и како резултат на спречување на ширење на вирусот Covid – 19 (коронавирус), информираат од прес-службата на Општина Карпош.
Локалната самоуправа деновиве врши и вонредна дезинфекција на училиштата и градинките, a се затворија и детските игралишта и спортско – рекреативни зони во Карпош. Целта, како што посочуваат, е да се спречи присуство на граѓани на овие места и да се намали можноста за ширење на вирусот.
Оттаму ги повикуваат сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус.
– Да го почитуваат полицискиот час (од 21:00 до 06:00 часот), да не се собираат во групи и да излегуваат, единствено ако имаат итна потреба. Интензивирани се и контролите од Министерството за внатрешни работи и Армијата, при што се предвидуваат казни за непридржување кон мерките, се вело во соопштението на Општина Карпош.фф/цр